Вработен во хотелот во Португалија му кажал на осомничениот Кристијан Брукнер дека вратата на хотелскиот апартман на малата Меди МекКејн е отклучена и дека ќе му биде лесно да го киднапира девојчето, јавуваат португалските медиуми.
Германската и португалската полиција, кои работат заедно за случајот, велат дека идентификувале корумпиран вработен. Тие веруваат дека тој му ги дал на педофилот сите детали за станот во комплексот Океан Клуб во Праја да Луз, пишува „Дејли Меил“.
Ова откритие би можело да биде клучно за да открие што точно се случило таа кобна ноќ на 3 март 2007 година, како и да се осуди осомничениот Брукнер. Кристијан Брукнер (43) е осомничен за киднапирање и убиство на Меди МекКејн. Тој во 20016 година ѝ бил познат на полицијата како „злоставувач на деца“. Таа година тие пребарале напуштен имот во округот Берде во сојузната држава Саксонија-Анхалт каде што живеел. Тоа е поранешна фабрика која порано произведувала хартија и кутии. Подоцна, имотот бил обраснат со трева, на него се натрупал отпад, а Кристијан живеел во стари бараки.
Полицијата ископала неколку дупки во имотот пред четири години. Меѓу животинските коски, пронашле и материјал со детска порнографија, пишува Билд. Станува збор за снимки од злоупотреба на мали деца и доенчиња. Пронајдена е и облека за девојчиња. Истрагата откри дека Кристијан немал семејство или роднини на кои би можела да припаѓа таа облека.
Од среда, 3 јуни, Кристијан е осомничен за киднапирање и убиство на Британката Меди МекКејн. Кристијан во моментот е во затвор и издржува казна за напад и силување на 72-годишна Американка во Португалија. Кристијан бил редовен посетител на Португалија помеѓу 1995 и 2007 година.
Поранна соседка од Португалија го опиша Кристијан Брукнер како агресивен човек.
– Тој секогаш беше лут, трчаше по улицата, надолу, а потоа еден ден во 2006 година исчезна. Подоцна ме замолија да помогнам во чистењето на просториите во кои престојуваше. Тоа беше одвратно. Насекаде лежеа оштетени работи. Имаше перики и чудна облека во ѓубрето, слична на костуми – вели жената.