ЕСКАЛАЦИЈАТА НА ШИРЕЊЕТО НА КОРОНАВИРУСОТ ЗАГРИЖУВА И ОПОМЕНУВА

Додека земјите од соседството и Европа целосно го нормализираат животот, во Македонија се случува втор ек на епидемијата на ковид-19, што е само потврда дека некаде се греши и дека треба да се искористат искуствата од земјите што успешно се справија со корона-кризата

Македонија е на дното на земји во светот што успешно се справиле со корона-кризата, поради што неминовно се наметнува прашањето како да се најде соодветна стратегија со која ќе се овозможи брз и ефикасен излез од здравствената криза.

Додека земјите од соседството и Европа целосно го нормализираат животот, во Македонија се случува втор ек на епидемијата на ковид-19, што е само потврда дека некаде се греши и дека треба да се искористат искуствата од земјите што успешно се справија со корона-кризата.

Според епидемиолозите и познавачите на состојбите, надлежните во земјава избрзале со олабавувањето на мерките, без да предвидат дека тоа ќе доведе до нагол пораст на бројот на новозаразени.

– Што помасовно тестирање на популацијата, преку репрезентативен примерок, на пример по еден член во семејството, можеби е добро да се постават пунктови за тестирање во секој град или, пак, да се тестира еден процент од вкупната популација од секој регион рамномерно. Така ќе можеме да ги лоцираме и да ги изолираме контактите – смета епидемиологот, професор Драган Данаиловски, околу насоките како поефикасно во идниот период да се спречи ширењето на коронавирусот.
Според него, граѓаните не се доволно информирани за реалната опасност од ковид-19 и затоа е потребно да се организира една агресивна кампања, која би допрела до секој поединец.

– Борбата со епидемијата очигледно не може да се води само со одржување прес-конференции. Не само информирањето, потребно е граѓаните да се направат соработници во борбата со коронавирусот – додава Данаиловски, истовремено апелирајќи до сите релевантни фактори, политичарите, здравствените работници, бизнисмените, верските лидери, да влијаат меѓу населението за неопходноста од почитување на мерките поради заштита од вирусот.

Професорот Вело Марковски смета дека постојат три можности да ѝ се стави крај на епидемијата на коронавирусот во периодот што следува.
– Првата, најоптимистичка, е вирусот природно да се повлече или да му ослабне вирулентноста до степен што ќе има малку смртни случаи. Втората можност е вакцина, односно вештачки предизвикана отпорност кон САРС-КоВ-2… Третата можност е стекнување колективен имунитет. Иако се работи за нова болест со многу парадокси, мое мислење е дека со некаде 30-40 отсто серопозитивност кон ковид-19 ќе се постигне колективен имунитет. Тој процент за неколку месеци ќе го постигневме со истите жртви, за жал желбата никој да не ни се разболи, никој да не ни умре, иако возвишена, е нереална, и сега ако одиме кон колективен имунитет, ќе мора да почнеме со изгубени три месеца – вели Марковски.
Тој додава дека инфекцијата не треба да се спречува, туку да се третира со реални мерки.

– Моја препорака, мој став, кој секако не мора да биде прифатен, е да не се пробува да се спречи инфекцијата, туку да се контролира со реални мерки, притоа да се имаат предвид и економската состојба, политичкиот момент во државава, кондицијата на безбедносните сили, колку и до кога ќе можат да држат строги мерки, притоа идеално да се одржува капацитетот на здравствениот систем – смета Марковски.