ТЕНИС – АНАЛИЗА НА „ИНФОСИС“ ЗА АТП
Шпанскиот тенисер, освојувач на 12 трофеи на Ролан Гарос, води во категориите за најмногу освоени гемови во првиот, вториот и во третиот сет на гранслем-турнирот во Париз, како и во процентот на освоени поени, а речиси 80 отсто од мечевите на тој турнир ги добил во три сета, пишува на интернет-страницата на АТП
Од 2005 до 2019 година шпанскиот тенисер Рафаел Надал освои 12 титули и победи на 93, од своите 95 дуела на гранслем-турнирот Ролан Гарос. Ако градот Париз му посвети улица, би било соодветно таа да биде еднонасочна, пишува на официјалната интернет-страница на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), која ја пренесува анализата на „Инфосис“ за тоа како Надал настапува во секој од петте можни сета на турнирот. Анализата идентификува колку брзо стартува тој во првиот сет, а потоа се трансформира во брз воз во третиот.
Предвид се земени играчи што одиграле најмалку 10 меча на Ролан Гарос, откако е воведена официјалната статистика во 1991 година. Надал освои дури 57,5 проценти (9.829/17.080) од поените на Ролан Гарос. Тоа е најблиското нешто до еднонасочен сообраќај што го видел тенисот досега, пишува АТП.
ПРВ СЕТ: Играњето со Надал на земјените терени во Париз е еден од најголемите предизвици во спортот. Шпанецот не им дава време на противниците, тој почнува силно обидувајќи се да го заврши натпреварот пред тој да стане тоа. Надал освои 65,4 отсто (559/855) од гемовите во воведниот сет од своето деби на турнирот во 2005 година. Лани првите сетови на неговите седум меча беа 6-2, 6-1, 6-1, 6-2, 6-1, 6-3 и 6-3. Меѓу водечките пет играчи со најголем процент освоени гемови во првиот сет на Ролан Гарос се и Горан Прпиќ (62,4 насто), Џим Куриер (61,7), Новак Ѓоковиќ (60,8) и Давид Ферер (60,6), пишува АТП.
ВТОР СЕТ: Овој сет е втората брзина на Надал, кој се обидува да создаде поголема предност пред своите противници. Тој освоил 66,2 проценти (561/848) од гемовите во вториот сет, не покажувајќи никакви знаци на попуштање и не им дава можност на противниците да го израмнат резултатот. На оваа листа за втор сет зад Надал се Дамир Џумхур (62,6), Оскар Хернандез (62,5), Бернд Карбахер (61,8) и Арно Беч (60,1).
ТРЕТ СЕТ: Надал продолжува да го засилува притисокот, освојувајќи зачудувачки 68,4 насто (551/805) од гемовите во третиот сет. Речиси 80 проценти од натпреварите на Надал на Ролан Гарос се завршени по три сета. Зад Шпанецот на оваа листа за трет сет се Борис Бекер (67,7), Хуан Карлос Фереро (62,3), Хуан Мартин дел Потро (61,4) и Кајл Едмунд (61,4).
ЧЕТВРТИ СЕТ: Шпанскиот тенисер е четврти според освоени гемови во четвртиот сет, со 64,4 отсто. Водечки е Карл-Уве Штеб со 70,6 проценти.
ПЕТТИ СЕТ: Надал само двапати играл меч во пет сета на Ролан Гарос, победувајќи во двата дуела. Тој освоил 57,7 проценти (15/26) од гемовите во петтиот сет, а на таа листа води Гофан со 78,9 проценти (30/38).