Двајца полицајци биле застрелани, а трет бил прободен во судир со осомничен во Бруклин доцна во средата вечерта, пренесува „Њујорк пост“.
Престрелката се одвивала кога осомничениот се доближил до полицаец на авенијата „Чрч“ во близина на авенијата „Флетбуш“ и го прободел во вратот, изјавил полициски извор. Неколку полицајци реагирале на местото на настанот и еден употребил огнено оружје.
Полицаецот и осомничениот тогаш се бореле за оружјето, кое испукало застрелувајќи еден полицаец во раката, а друг во дланката. Полициски наредник одговорил на местото на настанот и пукал врз осомничениот, кој бил застрелан.
Полицајците биле пренесени во болницата во Кингс Каунти со полесни повреди. Осомничениот бил приведен, но е во критична состојба.
– Се чини дека станува збор за кукавички, одвратен, неиспровоциран напад врз беспомошен полицаец. На сите ни е преку глава, насилството треба да престане – рече комесарот на њујоршката полиција, Дермот Ша, на прес-конференција по пукањето.
Жителот на Флетбуш, Џин Џонс, изјави дека се возел во близина на црквата и видел како се одвива пукањето. Џонс рече дека видел најмалку двајца полицајци како скокаат од своите автомобили и почнале да пукаат.
– Ги видов како пукаа, а потоа и двајцата полицајци почнаа да се кријат зад своето возило, како да се обидуваа да не бидат застрелани. Слушнав само истрели, најмалку 16. Тоа е многу. Само размислував за полицајците. Жално е што работите ескалираат – изјави тој.
Пукањето доаѓа во време на протести низ целата земја против полициската бруталност по смртта на Џорџ Флојд во Минеаполис. Демонстрантите маршираа во Бруклин во средата вечерта, но не и во близина на местото каде беа застрелани полицајците.