Пандемијата на ковид-19 е веројатно првата вистински глобална криза во дваесет и првиот век. Единствената модерна историска паралела на економските нарушувања предизвикани од микроскопски патоген е таа со светските војни во минатиот век.
Со почетокот на Првата светска војна, во август 1914 година, не само што заврши долгиот период на мир туку и се суспендира претходната епоха на економска интеграција и глобализација. Додека владите низ светот следеа нови агенди на протекционизам, економскиот пораст целосно колабира. Една генерација подоцна, следуваше друга светска војна, по што веднаш започна Студената војна. Светот и глобалната политика изгледаа многу поинаку на крајот на овој период на постојан конфликт и политика на моќ, од 1914 до 1989 година, отколку што беше на почетокот. Пред Првата светска војна, Британската Империја беше доминантна економска и воена моќ. По Втората светска војна, таа беше престигната од САД, чија хегемонска позиција беше дополнително засилена по распадот на Советскиот Сојуз.
Прашањето е како ќе се промени дистрибуцијата на глобалната моќ како резултат на кризата од ковид-19. Дали влијанието на пандемијата ќе биде споредливо со тоа на која било светска војна, останува да се види. Јасно е дека глобалната економска криза од овие размери ќе донесе сериозни геополитички шокови. Америка, актуелната суперсила, може да ја задржи својата позиција на врвот на глобалниот поредок. Но повеќе знаци укажуваат на тоа дека Кина, економска моќ во подем, ќе надвладее, инаугурирајќи го источноазискиот век.
Кинеско-американското ривалство го дефинира хегемонискиот конфликт на дваесет и првиот век долго пред кризата на ковид-19. Како и да е, пандемијата, заедно со изборната година во САД, се чини дека ја засилува и ја забрзува конфронтацијата. За американскиот претседател Доналд Трамп, изборите во ноември се од клучна важност. Откако не успеа да се справи со пандемијата и се соочи со невидена домашна економска криза, сега му е потребно жртвено јагне, а Кина е очигледниот избор.
Сепак, додека повеќето политики на Трамп по правило го делат американското општество, неговиот пристап кон Кина се чини дека е главен исклучок. Во својата офанзива против Кина, тој може да смета на широка поддршка од двете големи партии. Дури и длабоко во либералните демократски кругови, ставовите на Америка кон Кина значително се влошија во изминатите години.
Многу приговори на САД тешко се отфрлаат. Народна Република Кина е навистина авторитарна, па дури и тоталитарна држава, под ексклузивна контрола на ленинистичката партија. Таа спроведува огромна економска и технолошка шпионажа против САД, користи неправедни трговски практики и има насилни територијални претензии во однос на Индија и Тајван, како и во Јужно Кинеско Море.
Од прогонот на етничките и религиозните малцинства во Синџијанг и неодамнешниот потег за консолидирање на контролата над Хонгконг, до првично лошо менаџирање на кризата со ковид-19 во Вухан, кинеската влада направи малку за да инспирира доверба.
Како и да е, упорните напори на администрацијата на Трамп да ја отфрли глобалната лидерска улога на Америка го поставуваат основното прашање за нејзиниот пристап: „Што сакаат САД предводени од Трамп?“ Да предводат без да преземат одговорност?
Мала е веројатноста да функционира тоа. Додека САД остануваат заглавени во краткорочно размислување, Кина се етаблира како алтернативен извор на глобално лидерство и инвестиции, стрпливо водејќи долгорочна стратегија за експлоатација на геополитичкиот вакуум создаден од Америка. Штетите врз меѓународниот имиџ на Америка, особено по катастрофалниот неуспех на администрацијата на Трамп да се справи со ковид-19, ќе биде тешко да се поправат.
Пандемијата го засилува генералниот впечаток дека САД се декадентна суперсила, која наскоро ќе биде разменета од стратегиски умешна и економски динамична Кина. Вековната приказна за подемот и падот на големите сили сега ја пишува еден вирус. Можеме само да се надеваме дека ова поглавје ќе биде испишано на мирен начин.
Во заднината на кинеско-американската конфронтација, Европа е ставена во незавидна позиција среде две спротивставени геополитички сили и не знае кои се вистинските намери на Америка кон Кина. Дали САД сакаат со ограничување или со целосна конфронтација, па дури и со воен конфликт, да го блокираат, па дури и да го уништат подемот на Кина? Втората стратегија, репризирајќи го пристапот на Западот кон Кина на крајот од 19 век, ќе биде крајно опасна.
Алтернативата за Западот е да спроведува долгорочно ограничување врз основа на стратегиско ривалство. Европа треба да ја избере оваа опција. Во светски поредок под кинеско водство, Европа, сместена на западниот крај на евроазискиот суперконтинент, ќе биде губитник. Како тоталитарна еднопартиска држава, Кина никогаш не може да биде вистински партнер на Европа во нормативни термини. Дури и по три години со Трамп во Белата куќа, односот на Европа со САД е многу поблизок од односот што таа би можела да го очекува од Кина. Но Кина е веќе преголема, премногу успешна и премногу важна за да се игнорира. Фактите на теренот повикуваат на соработка. Клучот е да се направи разлика помеѓу стратегискиот ангажман со Кина наспроти потчинувањето. Одржувањето на оваа круцијална разлика ќе бара Европа да избегне да стане економски или технолошки зависна од ривалот на Западот.
Авторот е бивш вицеканцелар и шеф на дипломатијата на Германија