Специфичната тежина на севкупната глобална состојба во светот во контекст на пандемијата, покрај тежината на телесните здравствени предизвици за популацијата, ја содржи во себе и неопходноста од здрава индивидуална (и колективна) ментална матрица, која дава повод, поттик и причина да се издржат, истрпат, поднесат и совладаат предизвикот и тешкотијата со која се соочуваме. Психолошката сила на граѓаните претставува основа на системот за колективна сигурност и перспективност. Тоа треба да е стабилизирачки фактор за граѓаните и државата и да даде сигурна основа за општествен просперитет на економски и социјален план
Корона-кризата наметна потреба од национална стратегија за менталното здравје
Во двомесечниот период на (глобално и локално) справување со коронавирусот, дел од дневната информативна рутина ни стана следењето на здравствените статистики за новозаразени, излечени, како и, за жал, починати лица од болеста именувана како ковид-19. Ваквите статистики некако ги потиснаа во втор план на јавен интерес другите општествени предизвици и појави, присутни во „редовни“ услови, што не значи дека исчезнале со појавата на коронавирусот.
Бројки што загрижуваат
Статистиката на МВР (која веќе не е толку гласно експонирана), во периодот од 12 март до 12 април во полицискиот билтен има забележано: едно убиство, четири самоубиства и 79 кривични дела сторени при семејно насилство. Овој статистички обработен период се совпаѓа со почнувањето на примена на рестриктивните мерки во Македонија, поради пандемијата на ковид-19. Едно од самоубиствата е регистрирано во Штип, а во последната порака како причина лицето ја посочило расправијата со сопругата околу коронавирусот. Во истиот период се регистрирани и девет обиди за самоубиство за кои досега не е утврдено дека се поврзани со вирусот. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи (МВР), бројот на кривични дела (79) при семејно насилство е намален за 28 отсто во однос на истиот период (12 март – 12 април) минатата година, во кој биле регистрирани вкупно 109 кривични дела. Бројката на регистрирани самоубиства, како и суицидни обиди сосема предупредувачки говори за опасностите од стресот на новата состојба од потребата за самоизолација, кои сериозно влијаат на состојбата на менталното здравје на населението.
– Во овој миг, без целосни сознанија, не можеме компетентно да зборуваме дали случаите на регистрирани самоубиства во периодот кога започна примената на рестриктивни мерки и самоизолација, се директно поврзани како последица на коронавирусот. Но, во секој случај, во овој период луѓето беа изложени на комплексен притисок, како емоционален, така и социјален, економски, што секако доведува до повисоко ниво на стрес. Во таква ситуација, ако личноста имала одредени психолошки проблеми, кризниот притисок само дополнително ги истакнува и засилува, но исто така може да предизвика и одредени психолошки невообичаени манифестации и кај здрави личности. Некако логично се наметнува случаите на самоубиства во време на вонредната состојба да се класифицираат како последица на коронавирусот, но појасна слика ќе имаме кога ќе добиеме резултати од истражувањата по завршувањето на вонредната состојба. Таквите истражувања се во тек во нашата Комора на психолози, врз основа на работата и случаите за кои се барала поддршка од нашите психолози во јавувањата, за време на овој период – вели Мирјана Стојановска-Јовановска, претседателка на Комората на психолози на Македонија.
Неопходност од создавање и негување практики за создавање телесно и ментално здрава нација
Специфичната тежина на севкупната глобална состојба во светот во контекст на пандемијата, покрај тежината на телесните здравствени предизвици за популацијата, ја содржи во себе и неопходноста од здрава индивидуална (и колективна) ментална матрица, која дава повод, поттик и причина да се издржат, истрпат, поднесат и совладаат предизвикот и тешкотијата со која се соочуваме. Психолошката сила на граѓаните претставува основа на системот за даде сигурна основа за општествен просперитет и поединечна и заедничка заложба за просперитет на економски и социјален план. Во денешните општества, преплавени од пандемијата на ковид-19, длабоките емоционални трауми може да влијаат на зголемување на анксиозноста, депресивноста, ПТСП (посттрауматско стресно нарушување), како и на разни облици на суицидно однесување.
Поради тоа, Светската здравствена организација во своето неодамнешно соопштение предупредува дека оваа пандемија претставува сериозна закана на глобалното ментално здравје, особено кај медицинскиот персонал, како и кај сите оние што се принудени на самоизолација. Во неодамнешна студија, спроведена во текот на пандемијата на коронавирусот, врз 5.000 кинески граѓани, регистрирано е присуство на симптоми на ПТСП, меѓу 21,5 отсто од испитаниците. Во текот на март годинава, речиси една третина од испитаниците во САД (32 отсто) изјавиле дека чувството на страв и загриженост имаат негативно влијание на нивното севкупно здравје.
Исто така, неодамна е објавен напис во угледното списание „Лансет сајкајатри“, кое предупредува на сериозно загрозување на менталното здравје на светското население поради пандемијата на ковид-19 и апелира на формирање соодветни експертски тимови за соочување со овие проблеми, со предлог за редовен клинички психолошки скрининг на сите заразени, како и на сите здравствени работници од првата линија на одбраната од пандемијата.
Негативните емоции, како што се страв, песимизам, очај, безнадежност, фрустрации, незадоволство, лутина, омраза, разочараност, осаменост, нарушување на спиењето, зголемена консумација на алкохол и други опијати, ќе почнат да бидат обележје на колективната емоционална состојба на значаен дел од светското население.
Игнорирањето на максимата „во здраво тело, здрав дух“ може да има несогледливи последици по колективитетот
Последиците од нелечени или неадекватно лекувани нарушувања поврзани со стресот се исклучително далекосежни и не ги погодуваат само индивидуите туку и членовите на нивните семејства, а потоа и целото општество. Набргу последиците почнуваат да се одразуваат како брачни проблеми, проблеми во воспитувањето на децата, насилство во семејството, зависност од алкохол и опијати, намалена продуктивност, невработеност, станбени проблеми и бездомништво, зголемена стапка на самоубиства и многу други општествени проблеми. Тагата, лутината, бесот, депресијата, анксиозноста и агресијата предизвикуваат најразлични нарушувања во однесувањето на поединците, но и најразлични кардиоваскуларни болести, како и онколошки заболувања. Поради тоа, светските статистики јасно и навремено предупредуваат на таквите трагични податоци, поради што разбирањето на комплексноста на таквите емоционални обрасци претставува едно од поважните прашања што ја одредуваат националната безбедност на секоја држава и на нејзиното население.
– Колку што психолошката поддршка е неопходна во време на вонредната состојба, исто толку ќе биде потребна по нејзиното завршување. Луѓето ќе треба да се вратат и да функционираат во некоја реалност што ќе биде различна од онаа пред пандемијата. Промените може да бидат причина за активирање на некои други стресови. За жал, Македонија како држава нема национална стратегија за грижа за менталното здравје на населението, како сегмент на државната безбедност. Навистина, сѐ повеќе во безбедносните институции, како полицијата и армијата, се ангажираат психолози, но не постои стратегија што би го земала предвид менталното здравје на населението како аспект на националната безбедност. Ние имаме и Закон за ментално здравје, но тој се однесува само на луѓе што се лекуваат, додека не ја опфаќа пошироко грижата за менталното здравје на целото население. Доколку се согледа потребата од национална стратегија за менталното здравје, со поддршка на државата, ние како Комора на психолозите можеме да ги подготвиме колегите со професионални дообуки за таа цел – вели психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.