Деновиве во македонскиот литературен етер се појави романот „Кралеви од улиците“ од Александар Ковилоски. На речиси сто страници, приказната изобилува со дрога, маалски живот, емоционални односи, затворенички живот, погрешни размислувања и сите проблеми во кои може да западне младиот човек. Преку дејствата на главниот лик, романот ги доловува вредностите во животот и ги преиспитува, а приказните во него се приземјени и сведени на реалниот живот.
„Кралеви од улиците“ иако изобилува со шеги, е експлицитен и сериозен роман, и начинот на кој е напишан сосема се вклопува во времето во кое живееме денес. Се состои од три дела: првиот е запознавање со ликовите и нивниот начин на живот, вториот навлегува подлабоко во приказната и на некој начин е кулминација на дејствата, додека третиот го опишува животот во затворите и ја појаснува кулминацијата од вториот дел. Иако навидум малечка книга, во неа има илјадници приказни што го покажуваат начинот на кој живее младиот човек во отсуство на правила и закони.
Авторот Александар Ковилоски е долгогодишен работник во секторот за ресоцијализација на КПД „Идризово“. Автор е на повеќе книги од стручната литература, на осуденичкиот весник „Искра“, кој го создава заедно со осудените лица, и на повеќе програми од областа на затворската проблематика. Ова е негов прв роман.