Поради авторски права на Тоби Смит, британскиот фотограф за заштита на животна средина, било побарано од Јутуб да го отстрани документарецот што бил осуден од научниците за климатски промени, објавува „Гардијан“.
Документарниот филм кој беше осуден како неточен и погрешен од научниците и активистите за климатски промени, наводно, вклучува снимка користена без дозвола на сопственикот Тоби Смит, кој не го одобрува контекстот во кој се користи неговиот материјал.
Како одговор, продуцентите и режисерите на „Планета на луѓето“ негираат кршење на правилата за фер употреба и ги обвинија нивните критичари за политички мотивирана цензура.
Смит ја поднел жалбата на Јутуб на 23 мај, откако открил дека во „Планетата на луѓето“ се користени неколку секунди снимки од неговиот проект „Ретки глинени производи“, во кој детално e опишано патешествието на ретките земјени минерали од Монголија.
Смит, кој претходно работел на прашања од областа на енергетиката и животната средина, рече дека не сака неговата работа да биде поврзана со нешто за кое не се согласува.
– Се обратив директно на Јутуб наместо на продуцентите и режисерите, бидејќи не ме интересираа преговори. Јас не го поддржувам документарецот, не се согласувам со пораката и не ми се допаѓа погрешната употреба на факти во приказната на филмот – кажа Смит.
Режисерот на „Планетата на луѓето“, Џеф Гибс, рече дека соработува со Јутуб за да се реши проблемот и филмот да се врати што е можно поскоро.
– Овој обид да се симне нашиот документарец и да се спречи јавноста да го види е безобразен чин на цензура од страна на политичките критичари на „Планетата на луѓето“. Тоа е злоупотреба на законот за авторски права. Да се забрани филмот што отвори сериозена тема за тоа како делови од еколошките движења влегоа во сојуз со Волстрит и т.н. „зелени капиталисти“. Во мојот филм апсолутно нема повреда на авторските права. Ова е само уште еден обид на противниците на филмот да го одземат правото на слобода на говор – вели Гибс.
Докуметнарецот „Планетата на луѓето“, кој го виделе повеќе од осум милиони луѓе откако беше објавен на Интернет минатиот месец, се опишува како „целосен отворен напад“ врз светоста на движењето за заштита на животна средина.