Во Шпанија, 232.500 луѓе се заразиле со коронавирус, од кои повеќе од 50.500 се здравствени работници, што ја прави земја со најмногу заразени лекари и медицински сестри во светот.
Речиси три месеци, здравствените работници се соочуваа со недостаток на заштитна опрема и пренатрупани одделенија. Од неодамна започна нивното тестирање за коронавирус, така што бројот на заразени може да биде уште поголем.
– Никогаш не сме се чувствувале толку ранливи – вели Карлос Торибијо (26) од одделот за општа хирургија во болницата „Ла Паз“ во Мадрид.
Во неговиот оддел, 13 хирурзи биле позитивни за ковид-19, од вкупно 40 кои работат таму. Ситуацијата е слична меѓу специјализантите и во другите оддели.
– Се плашам дека во моментот додека го читате ова, бројот на заболени здравствени работници дополнително ќе се зголеми – додава тој.
За младите лекари во првата линија на фронтот, пандемијата е големо искушение. Многумина ги нарекуваат херои, а секоја вечер милиони жители аплаудираат од своите балкони и прозорци во нивна чест.
Од вкупниот број на заразени во Шпанија, 22 проценти се здравствени работници.
– Немавме заштитни маски. Кога дојдоа, многу од нив беа неисправни. Немаше ниту тестови за коронавирус. Во такви услови, епидемија како оваа не може да се контролира – велат од Шпанското медицинско здружение (ОМЦ), од каде додаваат дека сепак со текот на времето ситуацијата одела кон подобро.