Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов ги демантира тврдењата на Дипломатскиот клуб Скопје за блокада на назначување шефови на дипломатско-конзулрните претставништва на Македонија.
– За сите предлог-кандидати за амбасадори, за кои претходно е постигната согласност со Министерството за надворешни работи, постапките за нивно именување се во тек. Согласно законските процедури, за дел од прифатените и усогласени предлози, постапките за нивно именување се завршени и дипломатите се веќе упатени на извршување на амбасадорската должност – соопшти Кабинетот на Претседателот.
Доколку Дипломатскиот клуб, додаваат оттаму, има забелешки околу постапката и процедурите за именување амбасадори, го упатуваме на одговори во Кабинетот на министерот за надворешни работи.
– Претседателот на Република Македонија, како и досега, останува доследен на своите заложби за поставување на професионални и стручни кадри, кои ќе придонесат во јакнење на дипломатската мрежа и ќе ги застапуваат интересите на Република Македонија – стои во соопштението.
Претходно, Дипломатскиот клуб – Скопје соопшти дека се празни 20 позиции на амбасадори на Македонија во странство заради, како што наведоа, неноминирање на амбасадори од страна на претседателот Иванов и покрај серијата предлози што до него ги има доставено Владата на РМ.