Писателот Петар Андоновски е добитник на Европската награда за литература за романот „Страв од варвари“ кој во 2018 година го издаде „Или -Или“. Романот е еден од 13 наградени дела од исто толку земји, а за наградата во конкуренција беа 47 автори.

Од Македонија во конкуренција беа и писателите Давор Стојановски со „Утеха за голите“, („Или-Или“), Ѓорѓи Крстевски со „Другата страна“, („Бегемот“) и Михајло Свидерски со „Последните денови на Ханс“ („Или-или“).

Петар Андоновски (1987, Куманово) е автор и на делата: „Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013, три изданија), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015, три изданија). „Телото во кое треба да се живее“ е награден со „Роман на годината“ за 2015 на „Утрински весник“.

Досегашни добитници на Европската награда за литература се и македонските писатели: Гоце Смилевски за „Сестрата на Зигмунд Фројд“, Лидија Димковска за „Резервен живот“ и Ненад Јолдески за „Секој со своето езеро“.