Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека разговорите меѓу Србија и Косово, кои се одржуваат под покровителство на Европската Унија, се одвиваат тешко и во напната атмосфера.
– Нашите позиции се доста далеку. Сепак мислам дека и нашата делегација, но и претставниците на Приштина, ја разбираат важноста од продолжувањето на дијалогот и се надевам дека и другата страна ќе разбере дека е потребно да се размислува со ладна глава за наоѓање решенија. Очекуваме и приштинската страна да разбере дека прашањето на Косово не е завршена работа, што веројатно е видливо и јасно. Меѓународните околности и сфаќањето на овој проблем во светот се сменија – изјави Дачиќ, кој прв даде изјава по почетокот на разговорите меѓу претседателите Александар Вучиќ и Хашим Тачи со европската претставничка Федерика Могерини.
Средбата што се одржа викендов во Брисел е прво продолжување на разговорите меѓу Србија и Косово по подолгата пауза, предизвикана пред сѐ од политичката криза на Косово.