Венецуела почна правна битка за пристап до златото вредно милијарда долари чувано во Банката на Англија. Венецуела тврди дека парите ѝ се потребни за справување со корона-пандемијата, пренесува „Јаху“.
Банката на Англија е извор и финансиер на злато за многу земји ширум светот.
Поради економската криза во Венецуела, Обединетите нации претпоставуваат дека во 2019 година 4,6 милиони жители ја напуштиле земјата. Владеењето на претседателот Николас Мадуро е непризнаено од неколку земји, меѓу кои и САД и Велика Британија. Економијата исто така страда од наметнатите санкции од САД.
Венецуела беше ставена под карантин во март и прогласи вонредна состојба поради коронавирусот, а засега има 618 потврдени заразени и 10 смртни случаи.
Првичното барање до Банката на Англија да го достави златото преку Програмата за развој на Обединетите нации било со цел за „итна набавка на храна и лекови“, а било направено пред неколку недели. Сепак, правното барање во Лондон било доставено на 14 мај.
– Кога се во прашање човечки животи, не е време за обид да се постигнуваат политички поени – изјави за медиумите Сарош Зајавола, претставник на Централната банка во Лондон.
Банката на Англија одби да даде коментар за „Ројтерс“ во врска со случајот.