Цените на акциите на Волстрит вчера забележаа остар пад, при што S&P 500 и Nasdaq индексот забележаа најголема загуба во последните два месеца, што е последица на јакнењето на тензиите меѓу САД и останатите водечки светски економии.
Dow Jones се лизна 328 бодови или 1,33 отсто, на 24.252 бодови, додека S&P 500 потона 1,37 отсто, на 2.717 бодови, а Nasdaq индексот 2,09 отсто, на 7.532 бодови.
Во еден момент S&P 500 индексот беше во загуба и два отсто, што во најголем дел е заслуга на падот на цените на акциите во технолошкиот сектор, за 2,3 отсто.
Инвеститорите ги вознемири веста дека Министерството за финансии на САД подготвува предлог закон со кој на компаниите во кои Кина има најмалку 25 отсто сопственост ќе им оневозможи купување на американските технолошки компании.
Инвеститорите дополнително ги загрижи пораката од Харли-Дејвидсон дека ќе го премести производството на мотоцикли за Европската унија од САД бидејќи проценува дека ЕУ царините ќе ја чинат компанијата меѓу 90 и 100 милиони долари годишно.
Цените на акциите од таа компанија потонаа шест отсто.