Загрижува фактот што хакерите толку лесно упаднале во системите на исклучително чувствителни владини институции, па добро што во целата ситуација не ни направиле и ребаланс на буџетот уште пред тоа да го направат надлежните во земјава. Последните настани со хакерските напади се само предупредување, но овој пат можеби сериозно ќе ја сфатиме заканата и конечно ќе извлечеме некаква поука додека не е предоцна
Нестручност, неекипираност, импровизации, корупција се само некои од причините за одредени пропусти што во низа ѝ се случуваат на државата, а што придонесува за огромни штети за кои цената ја плаќаат македонските граѓани. Новите времиња носат и нов вид криминал со кој надлежните или не сакаат, или, пак, немаат доволен капацитет да се справат.
Пустошењето на шумите и дивата сеча трае со децении, ловокрадството исто, ограбувањето на минералните суровини не престанува, загадувањето и тргување со отпад цути, а уништувањето на животната средина последните години поприми епски размери.
Зад сево ова се крие добро организиран криминал, сега модерно наречен и еколошки криминал, од кој некој заработува милиони евра, врз грбот и здравјето на граѓаните. Но покрај еколошкиот криминал, токму деновиве бевме сведоци на уште еден друг вид таканаречен сајбер-криминал.
Неодамна нашата држава, поточно две финансиски институции, беа на удар на група грчки хакери, кои упаднале на интернет-страниците на министерствата за економија и за финансии и ги украле, а подоцна ги објавиле на Твитер електронските адреси и лозинките на вработените во овие институции.
Загрижува фактот што хакерите толку лесно упаднале во системите на исклучително чувствителни владини институции, па добро што во целата ситуација не ни направиле и ребаланс на буџетот уште пред тоа да го направат надлежните во земјава. А можеби и ги бидува за ребаланси, па хакирајќи ги сајтовите ќе пренаменеа повеќе пари за инфраструктурни проекти, за здравство, за екологија, а помалку за патни трошоци, луксузна храна и плати на државните функционери.
Среќна околност во целата ситуација е што Македонија не е нуклеарна сила, оти како ни е порозна интернет-безбедноста, хакери ќе лансираа и проектили од наша територија.
Просто е зачудувачки како е можно да ни се случуваат такви пропусти, кои, за жал, и се повторуваат без да се извлече некоја поука или да се преземат соодветни мерки за превенција и заштита. И на екологијата и на сајбер-просторот.
Затоа што неколку години ни се случуваат истите пропусти и никој ништо не прави да го промени тоа. Пред некоја година беше хакирана интернет-страницата на претседателот, под напад беше и страницата на Државната изборна комисија, но поуки очигледно не беа извлечени.
Сега, кога целата планета е погодена од корона-кризата, а светот се свртува кон целосно дигитално работење, со небезбедни заштитни сајбер-системи се доведува под прашалник ефикасното функционирање на државата. Замислете каква траума доживува секој од нас кога ќе му снема интернет дома, а не, пак, државата да биде блокирана и да не може да ги врши основните функции.
Токму затоа треба да се влечат поуки од ваквите сајбер-напади, да се користат искуствата на земјите, кои успешно се справуваат со ваквите современи закани, но и да се инвестира во образование на кадар што во иднина ќе може да одговори на сите безбедносни предизвици во сајбер-сферата.
Значи, најпрво е потребно воспоставување образовен систем уште од најмала возраст, каде што децата дигитално ќе се описменуваат, а истовремено ќе учат и за опасностите што се кријат на интернет. Подоцна и во средните училишта, но и на факултетите би се продолжило дигиталното образование, со тоа што би имало и насока токму за сајбер-безбедноста.
Ваквиот начин на образование ќе произведе дигитално обучени кадри, кои ќе бидат подготвени да се справат со секаков предизвик, а не за безбедноста на интернет да се грижат приучени кадри и „гугл-техничари“, кои решенијата на безбедносните проблеми ги бараат токму на најпосетениот пребарувач.
Втора работа, при вработувањето ИТ-кадар во државните институции треба да се води сметка за нивните способности, а не за партиската квота што треба да се исполни, оти токму стручноста е потребна при креирањето соодветна заштита на интернет-страниците и податоците на државните институции.
Трета, но не помалку важна работа. Државата има подготвено еден куп стратегии, но нема кој да ги спроведе. Нема национален центар што би ги координирал акциите, било да се работи за сајбер-криминал, било да се работи за еколошки криминал, или, пак, за нешто друго.
Кај нас префрлањето на надлежностите од една на друга институција доведува до задоцнета реакција, а во меѓувреме штетата што ѝ се прави на државата е огромна. Токму во тој меѓупростор некој добро заработува. Прашањето е само дали некому тоа му одговара, па затоа и се толерира и се одолжува со воспоставувањето тела, кои ќе започнат брза и ефикасна борба против секаков вид криминал. Токму со формирањето вакви центри може да се засили и соработката со другите земји, кои имаат слични тела, а што ќе придонесе за навремено препознавање и предупредување за опасностите.
Македонија покажа дека може да биде лидер во регионот, но и пошироко при воспоставувањето широкопојасен интернет на целата територија на земјата, но сега треба да покаже и дека знае да се грижи за безбедноста на тој интернет. Последните настани со хакерските напади се само предупредување, но овој пат можеби сериозно ќе ја сфатиме заканата и конечно ќе извлечеме некаква поука додека не е предоцна.