Коронавирусот на западната цивилизација (4)

Животот е составен од шифри, вели умниот германски психијатар и филозоф Јасперс. Од знаци што ние сме должни да ги читаме и толкуваме, не за друго туку за да го осмислиме нашиот живот, кој ни е даден од Господ за да направиме нешто добро од него како индивидуи, секој посебно, но и како колектив, народ, па, пошироко, и како цивилизација. Добро, ама поимот цивилизација кој толку многу, не без причина, му бодеше очи и на Толстој за жал ние честопати, повеќето од нас, го сфаќаме исклучиво како позитивен поим, пред сè поаѓајќи од опозициската поставеност: цивилизирано (културно), нецивилизирано (варварско). Така. Арно ама, како што видовме, секоја цивилизација на извесен начин ги вклучува во себе и културата и варварството како нејзини нераздвојни елементи. Така, на тој план, за западната либералкапиталистичка европска цивилизација од просветителството наваму можеме да кажеме дека има сјајни умови и достигнувања во уметноста, филозофијата и науката и тие ја градат сликата на нејзината велелепна духовна енергија и култура.

Арно ама, наспроти тоа, таа ја содржи и грдата слика со име варварство. Тука во прв ред мислиме на нејзините колонијалистички потфати во кои под претекстот за цивилизирање на нецивилизираните беа исцрпувани материјалните ресурси на цели сиромашни народи, кои притоа беа асимилирани. Западните божем хуманистички мисионери вршеа врз нив акултурација, бришејќи ја нивната традиционална култура: етнологија, обичаи, симболи, митови итн. и наметнувајќи им свои. А во некои случаи буквално беа ликвидирани во минатото и цели автентични цивилизации, како што се тоа, на пример, Маите и Инките во Јужна Америка од страна на жестоките шпански конквистадори.

Доволно. И сега, јасна ли ти е, да се послужиме со терминот на Јасперс (кој од поетите пред него и во таа смисла го употребуваше Хелдерлин), шифрата коронавирус во контекстот на нашата тема во колумнава, драг читателу? Оти таа шифра, како што гледаш, едноставно е западната сега евроамериканска либералкапиталистичка цивилизација на банките, екстремните богаташи и капиталот. Оти се осмелувам да тврдам, имено од Америка доаѓаат јасни сигнали за тоа дека таа ја произведе и оваа планетарна пандемија. Нема сомнение дека вирусот е произведен во лабораториите во Америка и оттаму испратен на гости во главниот економски ривал Кина. Пред тоа од истата лабораторија излегоа во светот сидата и еболата. Овој пат за нив експериментално подрачје беше Африка. Без разлика што потоа сè се враќа назад како бумеранг. Па, еве и сега, по Европа, и позагрозена од неа од коронавирусот излезе имено Америка, неговиот производител. Трамп, светскиот политшоумен, и изјави дека ако поминат со 100.000 мртви, ќе биде голем успех.

И сето тоа е резултат на лакомоста на либералкапитализмот. Лакомоста, невидена и незаситна, тоа е вирусот на таа цивилизација, која отвори две светски војни, а третата е започната. Таа, како што гледаме, сега е биолошка. Се разбира, комбинирана и со бомбардери за да не седи со скрстени раце НАТО на Шеќеринска, ама на биолошкото оружје му се дава предност, затоа што е тоа полукаво и поподло. Тоа има нешто што може да се дефинира како некој вид романтичарски садизам во кој му се пеат химни на сатаната. А тоа е исто така најдобриот тест за загубениот хуманизам. Пред сè во западната либералкапиталистичка цивилизација, која, како што вели Фром, меѓу „да се има, или да се биде“ (наслов и на неговата позната книга) одбра: да се има. Го одбра капиталот како врвна вредност на човековото постоење, односно постоење на малата група што угнетува и манипулира со бескрупулозни дарвинистички, канибалистички методи. Група чија волја за моќ извира од него. Само од него.

Тука се избришани поимите како што се дух, душа, онтологија, па и култура, која таа цивилизација ја користи само како маска за своето бескрупулозно варварство: капиталот. А хуманизмот? Што стана со него. Не остана ни трага од него. Тој од хуманизам еволуира во хуманитарност на богатите, во која за докрај да се експлоатираат сиромашните им се нудат лекови со поминат рок, и храна исто така, кои сега, наместо да се фрлат во контејнер или во Атлантикот, се подаруваат беневолентно и за профит. Добро се сеќаваме во таа смисла, драг читателу, на оној перфиден план на богатиот Запад „Нафта за храна“.

А и како можеме да бараме хуманизам меѓу богатите, освен ако тоа не е солидарноста за капиталот, кога тие изгубиле секакво чувство за него. Не. Не размислувам радикално, револтирано, драг читателу, туку реално. Па, нели, тоа го покажа и оваа подла планетарна пандемија. Видовме на дело дека ЕУ го одби драматичниот повик на Италија, падната на колена, за помош. Наместо тоа, видовме како таа во паника правеше план како да ги одбрани капиталот, банките и тајкуните, а онаа Вероника (Лајден ли Лејден ли беше) држеше во европскиот парламент нарцистички говор за својата величина. И што се случи? Во Италија бргу-бргу дојдоа со медицинска опрема и со екипи од лекари Кинезите, а потоа и Русите, кои ѝ удрија хуманистичка шлаканица на бриселската политборделска дама.

Вавилонската ороспија, како што вели нашиот Цепенков. Резултатот на тоа е симнувањето на ЕУ-знамињата во Италија и поставување на нивно место на кинеското, а потоа и на руското знаме, што е доблесно и исправно. Јас, лично, драг читателу, би сакал ова да се случи и кај нас, во идентитетски ликвидираната од Вашингтон и Брисел Македонија, арно ама министерот Филипче посебно се грижи во оваа корона-криза да не се случи тоа. Оти на прашањето на еден новинар дали треба и ние да се обратиме за помош, како Италијанците и Србите кон Кина, тој пелтечејќи ескивира. Демек ние сме го користеле кинеското, па и италијанското искуство во борба против вирусот, а згора на тоа сме се консултирале и од стручна литература. Нема што, човек да се крсти со лева рука, како што велеше, цитирајќи ги кумановци, мојот драг пријател професорот Ѓорѓи Марјановиќ.

Така, драг читателу. Отворивме преширока тема во нашава колумна и ако добро ја разврземе, ќе ни требаат барем десетина дебели томови за конечно да ја расветлиме. А таква, како што ја поставивме, таа отвора уште и некои други важни теми и поттеми. Во прв ред тука е темата за етиката на научникот. Тој што во својот ѓаволски ум го произвел со толкава научна акрибија, посветеност, па веројатно и научничка „љубов“ коронавирусот. Лично мислам тука, без одлагање, дека тој научник (научници) со демонски профил, кој сега со неговиот научен производ сее смрт низ светот и треба како награда за својот „генијален“ труд исто така да ја вкуси смртта, да не дреме електричниот американски стол на кој седнуваат злосторниците, најчесто поситните за да се затскријат зад нив крупните. Во случајот нарачателите на изработката на коронавирусот, кои можеби седат во некои политички фотелји, или се мала моќна група темни масони или илуминати што под диктат на Сатаната управуваат со судбината на светот, што е многу веројатно.

Оти, сите нешта покажуваат дека дури ни политшоуменот Трамп ништо не знае за нив. Да, оти и научниците што се приклучени на струјата на Сатаната, а не Бог, треба да бидат изведени пред лицето на правдата како злосторници, сега и тука. Да не го чекаме Страшниот суд на небо горе. Добро, знам, ми забележуваш драг читателу дека таква приклученост на темната струја има и во уметноста. Притоа, знам, мислиш на Гетеовиот „Вертер“, кој по појавата предизвикал редица самоубиства не само во Германија туку и во други земји во светот. Одговарам. Да, ама тука сепак има битна разлика. Во случајот на „Вертер“ (уметноста) човекот/читателот има избор (а изборот, како што вели Сартр, е услов за слобода) во афектот: да се самоубие, идентификувајќи се со Гетеовиот литерарен јунак, или да се повлече во длабока меланхолија и долго сладострасно страдање. Во еден вид трансцендентален мазохизам. Тоа. А во случајот со пронајдокот на научникот од типот на коронавирусот нема избор, зошто ти си безусловната жртва.

Значи, голема е разликата, оти уметникот (најмногу романтичарите) честопати си игра со огнот на Сатаната како негова инспирација. Но тоа, сепак, останува на нивото на креативна игра, што не е случај со научникот приклучен на темниот напон на неговата струја. Кај него таа креативна игра произведува директно смрт, без разлика што во случајот со коронавирусот научникот што го произвел него се послужил и со хедонизмот на естетската креација. Вирусот е естетски совршен, хармоничен, остварен со убав барокен стил во сликата на круната. Во име на нејзиниот симболизам на владеење со светот претставен како кралство. Но како секој симбол, драг читателу, симболот на круната е амбивалентен. Оти со него се крунисани и Исус и Сатаната истовремено. Кај Исус тоа е круната на царството, кое, како што вели тој, не е од овој свет, оти е Небесно, а кај Сатаната, како што гледаме, тоа е круната што владее со овој наш проколнат земен свет. И како што веќе гледаме отворено, ако досега не верувавме, коронавирусот ни ги отвори очите.

Таа круна блеска врз челото на западната либералкапиталистичка цивилизација. Круната на коронавирусот, чиј темен блесок сега ја покрива целата планета, и којзнае дали таа покривка, слична на мртовечка прекровка, ќе се крене од лицето на човекот што се носи, како Македонците во Преспа (ќе се согласиш, драг читателу) на закоп. На закоп како венчалните ружи на македонските љубовници во Преспа. И по Преспа. И не сум патетичен, оти и тоа му личи на поетот, туку сум болно реален. Умира светот, стенкајќи под товарот на монструмот со име Капитал. Со име лакомост. Со име либералкапиталистичка цивилизација. Да. Имено, таа и таква цивилизација, драг читателу, и го моделира нашиот одговор, поставен во парадоксот на контрастот во (хипо)тезите на проблемот на среќата на овој свет кај Шопенхауер и Лајбниц, и двајцата Германци.

(продолжува)