pukanje Tuecija
Фото: ЕПА

Уште едно лице почина денеска во болница како последица на ранувањата од вчерашното пукање во училиште во јужната турска покраина Кахраманмараш.

Со тоа, бројот на жртви од нападот се зголеми на десет, откако претходно беа убиени девет лица, а 13 беа ранети. Шестмина од повредените се во критична состојба, пренесе МИА.

Според истрагата, 14-годишниот напаѓач отворил оган во две училници во средно училиште, при што усмртил една наставничка и осум ученици. Напаѓачот подоцна починал на местото на настанот.

Турските власти соопштија дека осомничениот со себе носел огнено оружје кое припаѓало на неговиот татко, поранешен висок полициски функционер, кој е уапсен по нападот.

Инцидентот се случи само еден ден по друго пукање во средно училиште во соседната покраина Шанлиурфа, во кое беа ранети 16 лица. Дел од напаѓачите и поврзани лица се веќе приведени.

Турските министерства за внатрешни работи и за образование одржаа итен состанок во Анкара, посветен на безбедноста во училиштата, на кој присуствуваа сите гувернери на 81 покраина, како и полициски и образовни претставници.

Во рамки на истрагата, полицијата утврдила дека напаѓачот имал профилна слика на социјалната мрежа WhatsApp поврзана со познат сторител на масовно пукање во САД, што се проверува како дел од истражните активности.

Министерството за семејство и социјални услуги формираше тимови за психосоцијална поддршка на учениците и семејствата, додека властите најавија и поширока истрага за можни ризици од слични инциденти.

Во меѓувреме, се одржаа погреби на жртвите, меѓу кои и ученици на возраст од 11 години и наставничката по математика Ајла Кара (55), кои загинаа во нападот.

Стотици наставници протестираа во Анкара и Измир, барајќи зголемени безбедносни мерки во училиштата, додека властите соопштија дека се приведени десетици лица поради објави на социјалните мрежи кои упатувале на можни нови напади.