Англија убедливо ја совлада Панама со 6:1 во натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.
Англиската репрезентација одигра одличен натпревар и благодарение на победата обезбеди пласман во осминафиналето на Мундијалот.
Англија уште во почетокот на натпреварот ја потврди фаворитската улога и со голот на Џон Стоунс во осмата минута поведе со 1:0. Англискиот капитен Хари Кејн со гол од пенал во 22-та минути го зголеми водството на 2:0. Во 36-та минута Џеси Лингард беше прецизен за 3:0, а Стоунс четири минути подоцна го постигна вториот гол и зголеми на 4:0.
Во финишот на првиот дел Кејн повторно успешно реализираше пенал за 5:0. Во второто полувреме Кејн постигна хет-трик и во 62-та минута зголеми на 6:0. Фелипе Балој го постигна почесниот гол за Панама и во 78-та минута ги постави конечните 6:1.
Белгија и Англија сега имаат по шест бодови во групата, а Панама и Тунис се без бодови.