Првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски, на распит пред судијката Васка Николовска-Масевска, повторно говореше за доказите кои според него, покажуваат дека не рекетирал, а се во неговиот одземен телефон од страна на Обвинителството, за кој тврди дека не е вештачен.
Јовановски кажа за аудио снимки од разговор со поранешниот главен и одговорен уредник на згаснатата „1ТВ“, Ацо Кабранов, со кого разговарал за Орце Камчев.
– Ова што јас го зборувам, можеше да го потврди господинот Кабранов. Доколку сведочеше Дувњак, ќе објаснеше за средбата со Катица Јанева, кога ја посетивме во СЈО – посочи Јовановски.
Тој во исказот посочи дека повеќе пати се среќавал со обвинителката Вилма Русковска во „1ТВ“, каде разговарале, додека таа пиела алкохол. Јовановски кажа и дека тој ја договорил Русковска да гостува во згаснатата „1ТВ“.
– Јас ја повикав Русковска во телевизијата, неколку пати беше во редакцијата, во четири очи сме пиеле кафе, па и алкохол, како што е редот во една домаќинска куќа – рече Јовановски.
Осомничениот Јовановски во изјавата неколку пати посочи дека згаснатата телевизија со која раководел се финансирала легално, а не од СДСМ и ВМРО, ниту пак барал државни пари.
Со исказот, Јовановски сака да докаже дека „1ТВ“ не се финансирала од рекет.
Во текот на исказот, а одговарајќи и на прашања од неговиот адвокат Сашо Дуковски, Јовановски кажа дека немал приходи, ниту пак сопственички удел во „1ТВ“, бидејќи бил претседател на невладината „Меѓународен сојуз“, па така, тој гледал конфликт на интереси.