Во Битола последните денови загрижувачки се асимптоматските случаи, како што е последниот случај во Битола, кој немал клиничка слика на ковид-19.
Овој случај треба да претставува причина повеќе за зголемување на совесноста кај секој битолчанец, а досегашното одржување на состојбата со коронавирусот во Битола, која е стабилна и под контрола, да биде поттик и пример за натамошното однесување.
Ова беше заклучено на денешниот состанок на градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, со директорите на Центарот за јавно здравје, Здравствен дом – Битола и Клиничка болница Битола. На состанокот беше разгледан моменталниот тек на состојбите со коронавирусот во Битола, но и постоењето на евентуална опасност од појава на нови случаи.
Битола засега е во стабилните општини во однос на ковид-19 и така треба да остане, но тоа зависи од однесувањето на секој еден граѓанин. Градоначалничката препорача да се почитуваат сите постоечки мерки и граѓаните да не се однесуваат несоодветно и недоговорно, поради полабавите мерки донесени од страна на Владата. Токму заради појавата на асимптоматските случаи, од Кризниот штаб апелираат на носење заштитни маски, одржување социјална дистанца и редовно одржување на хигиена.
М.М.