Ливерпул произведува и дистрибуира бесплатни оброци
Англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул дејствува за време на пандемијата на коронавирусот според своето клупско мото „Никогаш нема да одиш сам“ и им обезбедува вкупно 650 оброци на луѓето на кои им се најпотребни, во областа Енфилд во тој град, објави актуелниот европски првак на својата официјална интернет-страница. Клупските готвачи приготвуваат оброци на стадионот, по што тие им се дистрибуираат на 14 организации и два училишни центри.
Леклерк се врати зад воланот, како возач на Црвен крст
Чарлс Леклерк повторно е зад воланот, откако 22-годишниот возач во Формула 1 му помага на Црвениот крст во Монте Карло како возач во борбата против коронавирусот. Тој им доставувал оброци на стари лица што не се во можност да ги напуштат своите домови, помогнал во транспортот на опремата во болница и им однел оброци на волонтерите на Црвениот крст, пишува „Ф1“. Сезоната во Ф1 не почна, се најавува дека првите трки би можеле да се организираат во јуни.
Мареј победи виртуелно и ја донира наградата
Британскиот тенисер Енди Мареј го освои виртуелниот турнир „Мадрид опен“ (организиран на местото на одложениот АТП-турнир во главниот град на Шпанија, на кој Мареј победи во 2008 и во 2015 година), играјќи на плејстејшн, откако во финалето против Давид Гофан од Белгија славеше со 7-6. Според информациите, парите од наградниот фонд Мареј ќе им ги донира на британската Национална здравствена служба и на Фондот за помош на тенисери, објавија медиуми во Велика Британија.
Фудбалски судии собраа 130 тони храна за хуманитарни цели
Техничкиот комитет на судии на Шпанската фудбалска федерација, со повеќе од 15.000 члена, на 16 април почна кампања за придонес во банките за храна, а по две недели се собрани 130.000 килограми основна храна, во обид да се ублажат сериозните последици што ги предизвикува пандемијата на коронавирусот, објави спортскиот весник „Ел мундо депортиво“. Вкупниот придонес на судиите во фудбал, футсал и во фудбал на плажа е 650.000 основни оброци.
Извлечена ждрепката за e-ЕП
Со ждрепка се оформени четирите групи за инаугуративниот виртуелен фудбалски турнир, e-Европско првенство (е-ЕП), на 23 и на 24 мај. Најдобрите две селекции од секоја група ќе се пласираат во четврт-финалето, објави УЕФА. Во групата А се Шпанија, БиХ, Германија и Романија, во Б се Данска, Турција, Србија и Италија, во групата Ц ќе играат Црна Гора, Хрватска, Холандија и Луксембург, а во групата Д се Австрија, Грција, Франција и Израел. Наградата за победниците е 40.000 евра, пишува УЕФА.
Предлог сезоната на НБА да се доигра во Лас Вегас
Според пишувањето на американскиот дневен весник „Њујорк тајмс“, комплексот МГМ ѝ понудил на кошаркарската НБА-лига да биде домаќин на преостанатата сезона, пишува германски „Кикер“. Така играчите, нивните семејства и потребниот персонал би можеле да бидат сместени во хотелите на МГМ во Лас Вегас, а сето тоа под карантински услови. МГМ, кој има повеќе згради во градот, исто така, дал слична понуда и за НХЛ (хокеј), МЛС (фудбал) и ВНБА (кошарка за жени), пишува „Кикер“.