Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, оствари средба со добитникот на нобеловата награда за физиологија и медицина, Ферид Мурад.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата се разговарало за визиите на Владата за мултиетничко општество – едно општество за сите, за реформските процеси, обновените добрососедски односи со соседните држави, како и за евроатлантските аспирации на Македонија.
На ова, професорот Мурад истакна дека светот веќе зборува позитивно за Република Макеоднија и укажа дека остварувањето на евроатлантските интеграции на земјата ќе и донесе перспектива и инвестиции, неопходни за создавање нови можности за подобра иднина за младите и ќе ги привлечат иселените да се вратат и да делуваат во својата земја.
Нобеловецот Мурад, во текот на средбата, на премиерот Заев му предочи конструктивни предлози за подобрување на образовниот и здравствениот систем, како и отворањето на научно – истражувачки центри, споделувајќи лични искуства од САД и од повеќе земји во светот, каде што тој работел, се усовршувал и каде што веќе долги години е професор на повеќе универзитети.
Ферид Мурад е светски признат лекар и фармацевт, добитник на Нобелова награда за физиологија и медицина во 1998 година. Води потекло од гостиварското село Лакавица, токму заради оваа врска и гостиварската болница го носи неговото име. Автор е на голем број научни трудови од областа на клиничката фармакологија.