Научниците во Кина откриле случај на пренесување на коронавирусот со помош на клима-уред, по што упатените укажуваат дека клима-уредите и вентилациските системи во овој момент, едноставно, не се предност
Нова дилема во пресрет на летната сезона
Наближуваат летните месеци кога секојдневието на луѓето речиси и не може да се замисли без употреба на климатизерите, но во време на пандемија на коронавирусот се поставува прашањето дали употребата на овие уреди му оди во прилог на вирусот. Особено откога американскиот магазин „Емрџинг инфекшн дизисис“ објави дека научниците во Кина откриле случај на пренесување на коронавирусот со помош на клима-уред.
Една од карактеристиките на Македонија се исклучително високи летни температури што несомнено наскоро ќе доведе до масовното активирање на клима-уредите во домаќинствата, автомобилите, но и во фирмите, маркетите, трговските центри доколку бидат отворени, па со право се наметнува дилемата дали домашниот клима-уред, но и оние во автомобилите и во трговските центри, можат да бидат потенцијална опасност за поинтензивно ширење на вирусот.
Луѓето задолжени за техничко одржување на клима-уредите уверуваат дека не постои опасност од ширење на заразата доколку климатизерот го користи воздухот во просторијата.
– Климатизерите во домаќинствата се уреди што го користат воздухот од просторијата, односно не го земаат надворешниот воздух, така што нема начин нечистотиите или вирусите од надвор да се внесат преку климата. Но проблем може да се јави доколку какви било нечистотии или вируси се внесат во просторот, тогаш тие ќе циркулираат преку уредот – вели Даниел Јованов, техничар во делот за климатизација.
Тој додава дека повеќето нови климатизери имаат цел сет филтри што овозможуваат воздухот во просторијата да биде постојано чист, но истакнува дека е потребно тие редовно да се чистат и да се менуваат.
– Купувачите често бараат поевтин клима-уред, но јас секогаш им ги претставувам предностите од инсталирање и поскап уред, кој содржи филтри што спречуваат алергии, задржуваат поголемо количество штетни честички и кои едноставно се попогодни за нивното здравје – нагласува Јованов.
Според него, истото тоа се однесува и на прочистувачите за воздух, кои, ако не им се менуваат навреме филтрите, можат да го шират вирусот што евентуално е внесен во просторијата.
Познавачите укажуваат и на тоа дека коронавирусот има голема специфична тежина и дека би можел да остане во филтерот на климата доколку струењето на воздухот би го подигнало од подлогата.
Многу поголем проблем е функционирањето на клима-уредите во автомобилите и во големите трговски центри, бидејќи тие го земаат воздухот од надвор, а циркулацијата е многу поизразена
– И во автомобилите треба редовно да се менуваат филтрите, како оној за воздух така и полен-филтерот. Тие филтри би можеле да го задржат вирусот, но проблем е што вирусот може да се внесе внатре во возилото. Што се однесува до големите трговски центри, незгодно е што имате зголемена брзина на струењето на воздухот, прашината од подот побрзо се крева и тоа враќање на вирусот што паднал на подот повторно во воздухот може да биде голем проблем – велат тие.
Пулмологот и алерголог Дејан Докиќ објаснува дека токму поради тоа, користењето заштитни маски ќе ја намали можноста за ширење на вирусот во затворени климатизирани простории како трговските центри.
– Без оглед на климатизациите, ако се користат заштитни маски, ако се држи доволна дистанца, нема можности вирусот да се шири во трговските центри или во други објекти каде што престојуваат поголем број луѓе. Треба да се помириме со фактот дека заштитните маски ќе станат неизбежни во иднина, а на некој начин прашање на време е кога тие ќе почнат да се користат и како моден детаљ, слично на облеката – нагласува Докиќ.
Конечно, епидемиолозите сметаат дека природното проветрување засега е најдоброто решение за спречување на ширењето на коронавирусот.
– Една од поважните работи што треба сега да се има на ум е природното проветрување. Вентилациските системи во овој момент не се предност. Напротив, тие системи треба да се исклучат бидејќи можат потенцијално да ја зголемат можноста за зарази – предупредуваат епидемиолозите.