Германската Амбасада во Скопје денеска преку соопштение упати честитки на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за постигнувањето на, како што оценуваат, историскиот Договор за прашањето за името, како и за неговата ратификација во македонското Собрание.
– Договорот за ова долгогодишно прашање е значајно постигнување, кое немаше да биде можно без лидерството, посветеноста и политичката храброст од страна на двајцата премиери и на министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас поддржани од специјалниот посредник на ОН, Метју Нимиц – стои во соопштението.
Решавањето на спорот за името, се додава, промовира заедничка европска иднина и ќе донесе значајни можности за двете земји и во регионот, вклучувајќи и зголемен просперитет и безбедност. Тоа исто така, се наведува, ќе го отвори и евроатлантскиот пат што повеќе претходни влади во Скопје го имаа за своја цел.
– Ја поздравуваме ратификацијата на Договорот од страна на Парламентот вчера и нудиме на двете земји целосна поддршка и ги повикуваме сите лидери, политички партии и граѓани во двете земји да ги препознаат придобивките од решавањето на долгогодишниот спор – стои во соопштението од Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје.