УЕФА потврди дека вкупно 236,5 милиони евра за 55-те земји-членки се дел од програмата „Хет-трик“ за остатокот од сезонава и за следната, која вообичаено се дистрибуира за специфични проекти за развој на фудбалот, но поради огромното негативно финансиско влијание на коронавирусот, УЕФА ќе им остави на земјите-членки сами да ги одредат приоритетите
Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе издвои 236,5 милиони евра како помош за 55-те земји-членки погодени од пандемијата на коронавирусот. Секоја федерација, меѓу нив и на Македонија, ќе добие до 4,3 милиони евра. УЕФА потврди дека парите се дел од финансирањето на програмата „Хет-трик“. Вообичаено овие пари им се дистрибуираат на националните асоцијации за специфични проекти за развој на фудбалот во нивните земји, но поради огромното негативно финансиско влијание на коронавирусот, УЕФА ќе им остави на земјите-членки сами да ги одредат приоритетите за користење на парите.
– Нашиот спорт се соочува со невиден предизвик поради кризата. УЕФА сака да им помогне на своите членки да одговорат на начини соодветни на нивните специфични околности. Како резултат на тоа, се согласивме дека до 4,3 милиони евра по асоцијација, за остатокот од сезонава и за следната, како и дел за инвестициското финансирање, може да се искористат за обнова на фудбалската заедница. Верувам дека ова е одговорна одлука да помогнеме колку што можеме. Јас сум горд на единството што го покажува фудбалот во целата оваа криза. Без сомнение, фудбалот ќе биде во срцето на живеењето кога тоа ќе се враќа во нормала. Кога ќе дојде тоа време, мора да бидеме подготвени да одговориме на тој предизвик – изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Програмата „Хет-трик“ на УЕФА, за помош, е една од најголемите програми за солидарност и за развој што ја има воспоставено спортска организација. Таа постои од 2004 година, по Европското првенство (ЕП) што се одржа во Португалија. Заснована е на едноставната идеја дел од приходите од ЕП да се реинвестираат во развојот на фудбалот на три различни начини (оттука и името): во инвестиции, во образование и во споделување на знаењето. УЕФА потврди дека земјите-членки преку програмата „Хет-трик“, заклучно со 2024 година, на располагање ќе имаат вкупно 2,6 милијарди евра.