ФУДБАЛ

Проектот за рестартирање, специфичниот план на англиската фудбалска Премиер-лига за продолжување на сезоната, ќе се интензивира неделава. Клубовите треба да се состанат в петок, за повторно да разговараат за опциите за продолжување на натпреварите што би се играле без публика. Лигата размислува некои од нив да се пренесуваат бесплатно на телевизија.

Премиер-лигата се надева на потенцијален почеток на 8 јуни и крај до 31 јули, за да се вклопи во плановите за Европската фудбалска унија (УЕФА). Клубовите со целосните тренинзи би почнале од 18 мај. Премиер-лигата (како и другите национални асоцијации) најдоцна до 25 мај треба на УЕФА да ѝ достави комплетен план за продолжување на сезоната, за тоа кога точно, каде и во кој формат би се играле натпреварите.

Едно од битните прашање што ќе се разгледуваат в петок ќе биде дали ќе се користат одобрени стадиони во ограничен број или, пак, ќе се игра на неутрални стадиони. Веројатна опција е одобрени стадиони, која ќе се базира на безбедноста, во смисла на ограничување на ширењето на коронавирусот, како и на барањата и потребите на јавните служби.