Цената на трката за развој на вакцина против коронавирус ќе биде огромна, а Европа можеби нема доволно длабоки џебови, пишува „Политико“.
Беше потребна заканата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој навести дека би можел да ја доведе германската компанија „КјурВак“ во САД, пред Европската комисија да соопшти дека ќе и позајми на компанијата 80 милиони евра за обидот за создавање на вакцина против ковид-19 во Европа.
Тоа е само капка од она што ќе биде потребно за развој на вакцина од страна на некоја од десетиците компании кои работат на неа. Секоја фаза од развојот на вакцините доаѓа со скапа цена, а има повеќе од 70 потенцијални кандидати.
– Милијарди, милијарди и милијарди. Зборуваме за профилактична вакцина за целата планета – вели Дуејн Шултес, директор на консултантската компанија „Вајтал трансформејшн“, одговарајќи на прашањето за можната цена на вакцината.
Откако ќе биде одобрена кандидат-вакцината, таа прво треба да помине тестирање врз животни, пред да почне со тестирање врз луѓе, по што следи масовно тестирање за да се докаже нејзината ефективност. Вакцината потоа треба да биде одобрена од регулаторите и да биде произведена во големи количества – потенцијално во милијарди дози.
Фондацијата ЦЕПИ што го финансира истражувањето на вакцините, проценува дека се потребни две милијарди долари за изнаоѓање на успешна вакцина против коронавирусот, не вклучувајќи ги трошоците за производство.
Европската комисија ќе организира донаторска конференција на 4 мај со цел да собере пари за вакцина, како и за дијагностиката и лекувањето на ковид-19 за целиот свет. Таа соработува со финансиерите на вакцини за да собере осум милијарди долари за таа цел. Комисијата одбила да одговори на прашањето на „Политико“ дали и самата ќе ги финансира проектите за производство на вакцини.