Тестовите за антитела можеби не се одговорот што го бараше Европа, но сепак се корисни до одредена мера и тие не треба во целост да се отфрлат. Германските масовни истражувања не го опфаќаат само имунитетот. Нивната цел исто така е да дадат појасна слика колку се раширени инфекциите. Резултатите од овие испитувања се клучот во оценувањето на текот и сериозноста на пандемијата
Европа се надева дека тестовите за антитела ќе бидат универзален лек со кој ќе се стави крај на карантинот, но научниците не се убедени. Поборниците сметаат дека овие тестови, кои лоцираат антитела на заразен со вирусот, се најважната алатка за да можат луѓето да се вратат на работа. Државите низ Европа решија да ги воведат во официјална практика откако ветија дека милиони тестови ќе бидат достапни во наредните неколку недели и месеци.
Често повторуваната претпоставка е дека серолошките тестови (за откривање антитела), кои се најкорисни за потврдување дали некој претходно бил заболен од коронавирусот, исто така покажуваат создаден имунитет. На пример, во Велика Британија се дебатира да се воведат рачни ленти за имунитет. Во Италија се планираше во некои региони да се воведат „уверенија за имунитет“, според „Ројтерс“. Дури и стратегијата на Европската комисија за олеснување на карантинот се потпира на овие тестови. Во неа се наведува дека „тие ќе дадат дополнителни информации за уделот на населението што успешно се изборило со болеста и со текот на времето се постигнал потребниот имунитет“.
Во Германија, институтот за заразни болести „Роберт Кох“ (ИРК) минатата недела соопшти дека планира да спроведе три вида тестови за антитела како дел од студијата, која ќе опфати различни групи луѓе во различни региони и во различен број. Една цел е да се утврди кој стекнал имунитет меѓу кои и оние што не биле свесни дека биле заразени.
Развој на антитела не значи стекнат имунитет
Едно големо предупредување е дека развојот на антителата не значи стекнат имунитет.
– Не значи дека ако некој има антитела дека е имун на вирусот. Искрено сè уште немаме доволно информации дали сите ќе бидат имуни или не по инфекцијата – вели Дејвид Каванаг од Истражувачкиот институт за имунологија и заразни болести на Универзитетот во Единбург. Експерти во САД исто така сакаат да го докажат ова. Каванаг објасни дека антителата можат да го неутрализираат вирусот со блокирање на неговиот влез преку клетките или групно да го напаѓаат вирусот, кој потоа се уништува со клетките на имунолошкиот систем. Други антитела можат да го врзат вирусот, но всушност не го спречуваат да ги нападне клетките. Напротив, тие ја поттикнуваат инфекцијата.
Друг проблем е времето на извршување на тестовите. Лотар Вилер, шеф на ИРК, предупреди дека минатата недела покрај многуте предности на тестовите, некои даваат „лажна надеж“. На пример во повеќето случаи, антителата можат најрано да се откријат една до две недели по инфекцијата, па, така, тестови во рана фаза би дале погрешни информации, според неговиот институт. Дејвид Хејман, епидемиологот што го водеше светскиот одговор на САРС во 2003 година и сега е во британскиот „Чатам хаус“, истакна дека кинеските податоци покажуваат дека во некои делови од земјата луѓето развиле ниско ниво на антитела или воопшто не развиле.
За прецизноста
Постои друг голем проблем, а тоа е дека голем дел од тестовите на европскиот пазар не се точни во целост. Научниците се загрижени за точноста на домашните тестови за антитела, кои не се прецизни како лабораториските и не можат во целост да откријат колкав број антитела има во организмот. Главниот виролог на германската клиника „Шарите“, Кристијан Дростен, предупреди дека домашните тестови „имаат различен квалитет“.
– Постојано се изненадуваме. Некои добро функционираат, други се бескорисни и не треба да се употребуваат, затоа што постои висок ризик дека нема да ја откријат заразата – додава тој. Во меѓувреме некои земји од ЕУ, како Белгија, Финска, Шведска, Ирска, Германија и Холандија, предупредуваа па дури и го забранија самотестирањето за коронавирус во оваа фаза, според извештаите на Европската комисија. Во Велика Британија, Владата нарача над три милиони теста од кои ниеден не даде прецизни резултати. „Њујорк тајмс“ пренесе дека Владата платила 20 милиони долари за два милиони вакви теста. Слично на тоа, повеќето од тестовите во Чешка беа недоверливи, според чешката новинска организација „Сезнам справи“.
Не отфрлајте ги тестовите
Не значи дека тестовите за антитела треба во целост да се отфрлат. Германските масовни истражувања не го опфаќаат само имунитетот. Нивната цел исто така е да дадат појасна слика колку се раширени инфекциите. Резултатите од овие испитувања се клучот во оценувањето на „текот и сериозноста на пандемијата за попрецизно и подобро да се процени ефикасноста на преземените мерки“, како што смета Вилер од ИРК.
Истражувањата им овозможија на владите попрецизно да ја одредат стапката на смртност. Друга област во која е важно тестирањето на антителата е развојот на вакцината. Ако ова тестирање покаже дека некои лица имаат силна имунолошка одбрана и имале поблага форма на болеста, тоа ќе помогне да се одреди дали постои можност за создавање вакцина и кој елемент од вирусот ќе биде цел на истата таа, како што објаснува Каванаг.