Музичката критичарка Васка Наумова-Томовска, во оваа пригода потсети дека овој оркестар на македонската музичка сцена се појави во 2000 година. Таа вели дека оваа благородна и убава идеја по примерот на загрепските, софиските и други слични оркестри на Балканот, ја реализира нашиот реномиран обоист проф. Васил Атанасов
Камерниот оркестар „Скопски солисти“ планираше денеска, на 24 април, со јубилеен концерт под наслов „20 години со вас“ да го одбележи своето досегашно постоење во салонот на Македонската опера и балет, но неговиот уметнички раководител Васил Атанасов, со жалење најави дека поради постојната пандемија на коронавирусот, тој ќе биде одложен за крајот на октомври. Се разбира, тогаш би се одржал ако постојат потребните услови, на што тој искрено и се надева.
– На јубилејниот концерт треба да настапат наши познати и признаени уметници со меѓународна кариера и наши солисти, соработници во изминатите години: Благој Нацоски – тенор, Весна Гиновска – сопран и Томе Атанасов – обоа, под диригентската палка на маестро Бисера Чадловска. Предвидена е празнична програма со дела од Хендел, Вивалди, Моцарт, Елгар,Тошевски, Пиацола, Роџерс итн. – рече Атанасов.
Музичката критичарка Васка Наумова-Томовска, во оваа пригода потсети дека овој оркестар на македонската музичка сцена се појави во 2000 година.
– Оваа благородна и убава идеја по примерот на загрепските, софиските и други слични оркестри на Балканот, ја реализира нашиот реномиран обоист проф. Васил Атанасов. Оркестарот е формиран од група афирмирани и признаени македонски уметници, на кои им се придружија група млади, но мошне талентирани музичари. Негова интенција е да презентира камерна музика, од барок па до современа музичка литература, со истакнато чувство и респект кон македонското музичко творештво.
„Скопски солисти“ досега соработувал со најпознатите македонски репродуктивни уметници, како: Благој Нацоски – тенор, Весна Гиновска-Илкова – сопран, Борис Трајанов – баритон, Васил Атанасов – обоа, Славица Галиќ-Петровска – сопран, Љубиша Кировски – виолина, Ана и Олег Кондратенко – виолина, Марија Муратовска – сопран, Ирена Кавкалевска – мецосопран, Михајло Куфојанакис – виолина, Томе Атанасов – обоа, Климент Тодоровски – виолина, Момчило Куфојанакис – виолина, Игор Панчевски – пијано (САД), Игор Бакревски – кларинет, „Скопски дувачки квинтет“, Марсела Орсати-Таламанка – сопран, Миланска скала (Италија), А.Чесарачио – обоа (Италија) и др. Соработуваше и со домашни и со странски диригенти: Aлександар Лековски, Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев, Ле Фи Фи, Запро Запров, Бисера Чадловска, Иван Еминовиќ,Андреј Андреев – (Бугарија), Алесандро д’Агостини (Италија) и др. Наедно соработува и со хоровите на хорското студио „Рустико“, со женскиот хор „Св. Злата Мегленска“, со женскиот младински хор „Менада“ и др. – вели музичката критичарка.
Таа потсетува дека за одбележување на својот десетгодишен јубилеј во 2011 година, овој камерен оркестар го издаде својот прв компакт диск со изведби од настапите во живо, во 2013 година го промовира вториот носач на звук како самостојно издание со изведби, исто така, во живо од претходниот Божиќен концерт, додека пак во 2015 година го издаде и третиот компакт диск од Божиќниот концерт во 2014 година. Оркестарот во два мандата како со гости шеф-диригенти, соработуваше со маестро Андреј Андреев (Бугарија) и со маестро Саша Николовски-Ѓумар.
Традиционално, тој го одржува и Божиќниот концерт со што се вбројува во малиот број успешни музички ансамбли што ги развиваат македонската музичка култура и традиција. Досега камерниот оркестар „Скопски солисти“ настапуваше на значајни манифестации и фестивали во земјава изведувајќи дела од светската ризница, како и дела од македонски автори, а гостуваше меѓу другото и во Бугарија и во Србија. Музичката критика, истакна Васка Наумова-Томовска, нивните настапи ги оценува со суперлативи и одлични рецензии.