Владата го задолжи Министерство за финансии, а ѝ препорача на Народна банка во заедничка соработка да ја разгледаат можноста за изнаоѓање начини и подготовка на предлог – уредба со законска сила, во насока на задолжување на деловните банки во рок од еден месец да воведат нови финтек апликации со кои значително ќе се намали интеракцијата и бирократските процедури за граѓаните, како и за микро, мали и средни компании.
– Се задолжува Министерството за финансии, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација да предвиди конкретни предлог – мерки со кои банките ќе можат да го стимулираат менувањето на навиките на граѓаните, ќе се софистицираат процесите и ќе се преиспита начинот на издавање на документацијата и на самата документација при барањата за кредитирање и исплати (поевтини токени, дигитални идентификација и сл.) – стои во владиното соопштение.
Министерството за финансии има задолжение да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила со која правно ќе се нормираат обврските на банките во поглед на обврската за носење на заштитна опрема на вработените лица и начинот на имплементирање, број на лица во објектите согласно квадратурата на објектот, одржување на редот во и пред објектите и др.
Владата им предлага на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии
На последната седница Владата ја разгледала и ја усвоила Информацијата за исплата на пензии за април 2020 година, и го задолжила Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 23.4.2020 година.
„Како заклучок во врска со исплатата на априлските пензии, Владата заклучи да им препорача на деловните банки од петок 24.04.2020 година да обезбедат пензионерите со априлските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа“, стои во владиното соопштение.
Како дополнителен заклучок им се препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
– В понеделник, на 27.4.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
– Во вторник, на 28.4.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
– Во среда, на 29.4.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
– Во четврток, на 30.4.2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.
Се формира фонд за финансиска поддршка на претпријатијата
На денешната седница Владата донесе уредба со законска сила за фомирање на фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.
Со оваа уредба, како што наведуваат од Владата, се уредува формирањето, финансирањето, како и намената на средствата на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата,
Од Владата информираат дека средствата собрани во Фондот, ќе се користат за финансиска поддршка на економските мерки за помош и поддршка на микро, малите, средните и големите претпријатија во надминување на економската криза предизвикана од ковид-19.