Коронавирусот предизвика „опасна епидемија на дезинформации“, предупреди генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, меѓутоа не наведе конкретни случаи на земји или медиуми кои пласираат лажни вести и теории.
– Во време кога науката и солидарноста треба да бидат во првите редови, таканаречените здравствени совети предизвикуваат штета и шират лаги, а теориите на заговор и омраза го заразија интернетот, ги стигматизираат и клеветат луѓето и групите – предупреди шефот на ООН.
– Светот мора да се обедини против оваа болест – порача тој, оценувајќи дека вакцината ќе обезбеди доверба и пред сè мора да се верува на науката.
– Треба да им се верува на новинарите и на оние кои ги проверуваат информациите во низата лажни теории и споделувања на социјалните мрежи. Големите компании за социјално вмрежување треба да направат повеќе за да ги отстранат омразата и штетните тврдења за ковид-19. Заедно да ги отфрламе лагите и глупостите за да изградиме поздрав, поправеден и отпорен свет – заклучи Гутереш во изјавата.