И покрај вонредните услови, Општина Аеродром ги реализира активностите за пролетно косење на тревата на сите јавни површини на својата територија. Во работата, како што информираат надлежните, вклучени се екипите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, кои велат дека засега непречено и посветено си ги извршуваат своите работни задачи.
– Екипите деновиве почнаа со пролетно косење на тревата и одржување на зеленилото на повеќе локации низ општината. Покрај косењето, вршат и редовна дезинфекција и чистење на јавните површини – информираат од локалната самоуправа на Аеродром.
Оваа скопска општина годинава одбележува 15-годишен јубилеј од своето постоење, кој поради околностите со коронавирусот не можеше да го прослави со голем и традиционален собир на граѓаните, како и со доделување признанија на заслужните граѓани на општината.