Во Карпош поделени пакети со храна и средства за хигиена

Социјални пакети со прехранбени производи и средства за хигиена, им беа поделени на 30 социјално загрозени домаќинства од Карпош. Општина Карпош ја организира оваа хуманитарна акција во соработка со Црвениот крст, чии волонтери ја извршија дистрибуцијата на пакетите, помош за социјално загрозените жители. Карпош во повеќе наврати ги покажува својата хуманост и солидарност со овие свои сограѓани.
– Оваа акција е за да се олесни живеењето на граѓаните, особено во овој период на пандемија од коронавирусот. Инаку, пред велигденските празници, Карпош традиционално организира хуманитарна акција пред сите поголеми маркети на која граѓаните донираа продукти. Но оваа година со намера да се спречи директен контакт меѓу граѓаните, се одлучивме да ја спроведеме акцијата на овој начин – нагласуваат надлежните од Карпош.

Оттаму додаваат дека изминативе денови се доделени и 50 социјални пакети со храна и средства за хигиена, донација од приватна компанија. Во неделава што измина, во Општина Карпош беше доделена поддршка за вкупно 80 домаќинства. Од локалната самоуправа ги повикуваат сите општествено одговорни компании да ја покажат својата хуманост, да донираат и да им помогнат на најзагрозените категории граѓани.

Земјоделците од Општина Бутел да ги пријават своите активности

Општина Бутел ги повикува земјоделците што имаат потреба за вршење земјоделски активност во време на полициски час, навреме да ги пријават своите активности. Од Општината информираат дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува сите земјоделци, кои не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС), а кои имаат потреба за извршување на земјоделски активности, телефонски да ги известат општинските кризни штабови во местото на живеење каде што ќе ја најават потребата од дневна земјоделска активност.

– Потребата за движење неевидентираните земјоделците треба да ја најават во кризните штабови, еден ден однапред најдоцна до 20 часот. Притоа треба да ги дефинираат точното време и местото на извршување на земјоделските активности. Напоменуваме дека општинските кризни штабови нема да издаваат дозволи за движење, туку само ќе ги евидентираат земјоделците што го пријавиле своето барање за непречено движење, поради извршување земјоделски активности, а потоа списокот на лица ќе биде доставен до надлежните полициски организациски единици. На овој начин на неевидентираните земјоделците ќе им се овозможи непречено движење во викенд-деновите, за извршување тековни земјоделски активности, кои ќе можат да ги пријават на телефонските броеви 070/781- 509 и 076/438-254 – велат од Општина Бутел.