Французите ги нарекуваат „муршар“, во Шпанија се „чиватос“, додека во Германија ги викаат „шпицел“. Секоја земја има свој, различен израз за кодоши, за оние луѓе кои не си ја гледааат својата работа и ги пријавуваат другите кај полицијата, пренесува „Политико“. 

Во Европските земји кои се под карантин поради коронавирусот, кодошите се чувствуваат како нивниот момент на слава конечно да е дојден. Бесконечните часови поминати во изолација тие ги исполнуваат со шпионирање и постојано следење на нивните соседи, демнејќи го секој нивни потег, чекајки да направат дури и најмала грешка за веднаш да ѕвонат на полициските власти.

Од воспоставувањето на мерките за движење во Обединетото Кралство, телефоните на полициските станици не престанаа да ѕвонат од 23 март. Јавувачите стојат скриени зад завесите во нивните домови и го кодошат секое излегување на нивните соседи од нивните домови.

Ситуацијата стигнала дотаму што полицискиот комесар Ентони Стeнфилд морал да оди во Би-би-си за јавно да побара граѓаните да намалат со кодошење. Тој ги советуваше луѓето да престанат да ѕвонат во полиција и да го прават тоа само доколку има екстремни околности и потреба. 

Во други земји, полицијата максимално го искористува меѓусебното кодошење на граѓаните.

Градоначалничката на Рим, Вирџинија Раџи, откри веб-страница за граѓаните на која тие можат да ги осудат јавно и да се пожалат на соседите кои ги прекршуваат мерките за движење. Ова беше доволна причина за партиите од опозицијата да ја обвинат Раџи дека се служи со „механизам на полициска држава“ за наметнување на правилата.

Илјадници граѓани на социјалните мрежи ситуацијата ја споредија со фашистичкиот период во земјата, кога Италијанците биле охрабрувани да шпионираат политички дисиденти и Евреи.

Казни од 400 до 3.000 евра беа изречени на околу 110.000 Италијанци откако мерките за ограничено движење стапи на сила на 10 март.

Во Шпанија, кодошите не само што пренесуваат информации на полицијата за оние кои излегуваат и се движат, туку нивните „жртви“ понекогаш се подложени на насочено малтретирање, па дури и физички напади.

Во станбен комплекс во Овиедо, северна Шпанија, минатата недела беше поставен знак на кој се издвојуваат оние кои не ракоплескале во знак на благодарност за медицинските работници во борбата против коронавирусот. Полицијата постојано е повикувана и за оние со миленици, кои секојпат кога го шетаат своето куче имаат проблеми поради кодошите.

Во Мадрид, работниците во маркетите и медицинскиот персонал честопати се напаѓани со јајца и со ѓубре поради стравот дека тие се измамници, кои се облекуваат така со цел слободно да се движат надвор. 

– Кодошењето и полуавторитарното однесување честопати нагло расте за време на ваквите кризи – вели социологот Патрик Бергеман, автор на книгата „Суди му на твојот сосед“, во која се анализираат јавните обвинувања во ерата на Инквизицијата во Шпанија, империјална Русија и нацистичка Германија. 

Јавното обвинување базирано на страв од аутсајдери или мигранти, а во случајов, од вирус, е причина за кодошење мотивирано за колективна безбедност. Старите ривалства и презирот се исто така алатка во овој случај, а со кодошењето кај властите, кодошите честопати се служат и со лажни сведоштва. 

– Во нацистичка Германија, околу 42 отсто од јавните обвинувања биле лажни. Властите размислиле за промена на системот, но се откажале од таа идеја поради тоа што е добар начин да се држат сите под контрола – вели Бергеман.

Историчарот Жан-Марк Берлиер, кој се бави со јавните обвинувања поднесени од милион Французи за времето на нацистичката окупација, објаснува дека ваквите ситуации со кодошење честопати го изнесувале најлошото од луѓето на виделина. 

– Во моменти кога пркосењето на наредбите да се седи дома може да претставува неодговорно, па дури и криминално однесување, властите треба да внимаваат на поттикнување на кодошењето, кое Франција скапо го плаѓа до ден денешен – вели Берлиер.