Митрополитот црногорско-приморски Амфилохије и неколку свештеници беа ослободени денес по информативен разговор со полициската управа во Подгорица, информираат српските медиуми.
Тие биле повикани на разговор, како и граѓаните што се собрале пред верски објект во Подгорица каде се одржувала богослужба, објави порталот ЦдМ.
Полициската управа соопштила дека никој не бил уапсен, туку свештениците биле доведени на информативен разговор.
– Полициските службеници забележаа поголем број на свештеници, како и граѓани собрани пред црквата на Христовото Воскресение и манастирот во Златица. Сите беа поканети на информативен разговор за да објаснат зошто организираат јавни собири – соопштиле од полицијата во Подгорица.
Митрополитот Амфилохије служел литургија во манастирот Златица на која присуствувале повеќе свештеници и верници од Српската православна црква во Црна Гора.
Црногорската полиција денес предпладне на информативен разговор го повикала и свештеникот од Колашин, Радо Радовиќ и десетина граѓани кои, наводно, утрово учествувале на литургијата во црквата Свети Димитрија, пишува порталот „Вјести“.
Радовиќ во полиција објаснил дека литургијата се одржувала во затворен простор така што влегувал по еден верник, кој палел свеќа, а по неговото излегување доаѓал друг.
Некои свештеници од СПЦ во Црна Гора обвинија дека црногорските власти на дело го реализираат спорниот Закон за слобода на вероисповед, иако властите тврдат дека станува збор само за заштитни мерки против ширењето на коронавирусот.
Српската православна црква инсистира на тоа дека целта на законот е експропријација на нејзиниот средновековен имот во Црна Гора, вклучително и цркви, манастири и земјиште.