Во сите земји на балканскиот регион има различни погледи за тоа колку треба да се применуваат строгите правила, кои важат за време на вонредната состојба. Словенија и Хрватска најавуваат укинување на дел од рестриктивните мерки по Велигден, а во Србија се подготвуваат за целосно затворање за време на претстојниот викенд
Земјите од Западен Балкан влегуваат во шестата недела, период кога коронавирусот ја достигнува својата кулминација. Последиците од брзите и рестриктивни мерки за спречување на ширењето на вирусот се одразуваат на граѓаните. Бројот на заболените и на починатите лица, според оцените на националните здравствени служби, се во рамките на „очекуваните“, но веќе сѐ погласни се мислењата на економските експерти дека мерките не можат да се спроведуваат на подолг рок, поради целосниот прекин на стопанските активности, кои можат да предизвикаат подлабоки социјални и економски потреси кај населението. Од тие причини, некои од земјите во регионот веќе размислуваат за олабавување на мерките за ограничување на движењето на луѓето и на дејствувањето на стопанските субјекти. Сепак, во сите земји има различни погледи за тоа колку треба да се применуваат строгите правила, кои важат за време на вонредната состојба и на полицискиот час.
По примерот на Австрија, и Хрватска најавува ублажување на строгите мерки, кои беа спроведени на почетокот на епидемијата, а олеснувањата се предвидени за да се овозможи економските дејности да продолжат со работа, додека сѐ уште не се планира отворање на училиштата и на факултетите. Во Хрватска се отворени пазарите, но се најавува по католичкиот Велигден да бидат отворени и некои продавници, а од почетокот на мај и шопинг-центрите, хотелите и некои угостителски објекти. Давор Божиновиќ, шеф на Националниот штаб за цивилна заштита, во изјава за медиумите вели дека „се бара баланс во попуштањето на мерките за да може животот да продолжи“.
Завчера во Загреб беше отворен пазарот за свежа риба, но поради неорганизираноста на градските и на здравствените власти, продавачите се соочија со големи загуби, поради тоа што им беше оневозможено да ја продаваат. Отворањето на пазарите се прави според посебни услови. На пазарите ќе се спроведуваат мерките за физичко дистанцирање и блокирање на преносот на вирусот меѓу купувачите и продавачите.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ е задоволен од досегашниот тек за справување со епидемијата и вели дека со рестриктивните мерки се успеало да се забави ширењето на вирусот.
– Ова не е натпревар што трае кратко. Секое брзо отстапување од мерките може да го поништи тоа што е постигнато. Се разгледува можноста за отворање на пазарите – беше коментарот на премиерот Пленковиќ.
Словенечкиот премиер Јанез Јанша најави дека веќе следната недела, односно од вторник, ќе почнат со постепено укинување на ограничувањата воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот. Словенечката влада, меѓу другото, подготвува план за постепено активирање на некои производствени, услужни и транспортни капацитети, како и за намалување на ограничувањето на движењето на луѓето. Партиите од опозицијата веќе официјално побараа од Владата да почне со враќање на државата во нормална состојба.
– Ја разгледуваме можноста за отворање на оние претпријатија што можат да обезбедат работа, следејќи ги препораките за ограничување на раздалеченоста на луѓето, како и дезинфекција на рацете и носење заштитни маски – изјави Јанша.
Во Бугарија, исто така, се јавуваат спротивставени ставови за интензитетот и времетраењето на мерките за спречување на ширењето на вирусот. Премиерот Бојко Борисов го критикуваше професорот Атанас Мангаров да се насочи кон градење колективен имунитет преку ублажување на мерките за спречување на епидемијата.
– Ако не се постапи правилно, повеќе луѓе ќе умрат од коронавирусот. Во моментот, кога ќе се отворат границите, сите ќе бидат измешани. И кога искрата повторно ќе се запали, сè ќе започне – изјави Мунгаров, раководител на Детското одделение во Болницата за инфективни болести во Софија.
Србија идната недела влегува во шестата и најкритична недела од појавата на првиот случај на заразен од коронавирусот. Поради тоа, најистакнатиот „борец“ за спречување на ширењето на заразата, епидемиологот Предраг Кон, отворено повика „дека сега е време да се преземат драстични мерки“. Во врска за потребата од ригорозни ограничувања на движењето на луѓето, неговото лично мислење е дека тој не може да каже дали тоа значи 24-часовна забрана за движење на граѓаните.
– Мислам дека не сме лоши според статистиката на заразени лица. На крајот, сите земји од поранешна СФРЈ ќе имаат слични резултати – изјави Кон.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ вели дека не е исклучена можноста од примена на мислењето на епидемиолозите за апсолутна забрана за движење во Белград.
– Оваа одлука ќе ја донесеме брзо и ефикасно, доколку биде потребна. Одлуката нема да биде соопштена 48 часа порано – изјави претседателот Вучиќ, на прашањето на новинарката на РТС дали Белград ќе се затвори како карантин.
Светската здравствена организација нема препорака за земјите од регионот што се одлучија да ги ублажат мерките во борбата против пандемијата на коронавирусот, но советуваат да не се прави тоа прерано, изјави портпаролот Кристијан Линдмајер.