Вашингтон – Тигрица во зоолошката градина „Бронкс“ во Америка е позитивна на коронавирусот, потврди американската ветеринарна лабораторија. Се верува дека тигрицата Надја била заразена од чуварот, кој не покажал никакви симптоми на ковид-19. Уште три тигри и три лава имаат симптоми на болеста, но се верува дека оздравуваат, соопшти зоолошката градина синоќа. Зоолошката градина „Бронкс“ е затворена за посети од 16 март.
Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон завчера бил пренесен во болница за да му бидат извршени дополнителни испитувања, откако пред 10 дена кај него беше потврдено дека е инфициран од ковид-19, пренесуваат британските медиуми. „Скај њуз“ пренесува дека кај Џонсон сѐ уште се присутни симптомите на коронавирусот и дека тој има висока температура, па од тие причини бил пренесен во болница. Според британските медиуми, во случајов повеќе станува збор за превентивна, отколку за итна мерка.
Газа – Генералниот секретар на палестинското движење Исламски џихад Заид Накиа, ги повика израелските власти, во екот на пандемијата на коронавирусот, да ја укинат повеќегодишната блокада на Газа, јави агенцијата „Анадолија“. Тој предупреди дека Израел ќе мора да избере дали ќе ја укине блокадата и ќе ги ослободи палестинските затвореници или ќе се соочи со катастрофални последици од пандемијата на ковид-19. Во Газа досега се потврдени 12 случаи на заразени со коронавирусот.
Киев – Во околината на нуклеарната електроцентрала „Чернобил“ во неделата кон понеделникот изби пожар поради што е зголемено нивото на радијација, соопштија украинските власти. Областа е евакуирана, а во гаснењето на пожарот учествуваат над 130 пожарникари и два авиона, соопшти украинското Министерството за вонредни ситуации. Огнот гори во рамките на ексклузивната зона на Чернобил, која опфаќа 2.600 квадратни метри, а е воспоставена по нуклеарната катастрофа во 1986 година, кога радиоактивен облак зафати поголем дел од Европа. Зоната е главно ненаселена, но околу 200 луѓе останаа да живеат тука и покрај предупредувањата да си заминат.