Семенков, долу, прв од лево

Семенков е фудбалер што обележи еден убав период и на македонскиот фудбал. Тој настапуваше за Тиверија, Беласица, Работнички и за Брегалница и беше еден од најхаризматичните фудбалери. Растеше во семејство со 11 деца, во кое беше најмал

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (161)

Во струмичкиот фудбал продефилираа многу квалитетни фудбалери, кои оставија трага не само во својот град туку и пошироко на просторите на Македонија и поранешна Југославија, а некои и надвор од границите на државата. Ова особено се однесува на најголема ѕвезда од овој крај Благоја Истатов, кој испиша една убава фудбалска историја, бранејќи го голот на Беласица, Победа, Партизан и на холандскиот Утрехт. Тој беше најафирмиран, но не и единствен. Од овој крај имаше фудбалери, кои настапуваа не само за Беласица и за Тиверија туку ги бранеа боите и на другите клубови. Да се потсетиме на Васил Рингов, кој играше за Вардар и за Динамо од Загреб, потоа на Горѓиев, Узунов, Секулов, кои настапуваа за Вардар, голманот Благој Георгиев, исто така, повеќе години бранеше за скопскиот прволигаш, а неколку сезони потоа беше на голот на солунски Ираклис, Дрвошанов и Трајков играа за прилепска Победа, Божинов за Брегалница, Пане Блажевски, кој во 80-тите години на минатиот век беше цел на многу познати југословенски прволигаши.

Меѓутоа, шетајќи низ фудбалската историја на Струмица не може да се прескокне името на еден навистина одличен фудбалер, кој даде голем придонес за афирмацијата на струмичкиот и на македонскиот фудбал, а кој и денес го гледаме во фудбалските кулоари. Станува збор за Томе Семенков, кој со Истатов и со Рингов беше меѓу најхаризматичните струмички фудбалски ликови.
Томе беше 11-то дете во семејството Семенкови. Во конкуренција на шесте сестри и петте браќа е најмладото дете. Интересно е дека во ова многубројно семејство сите браќа играа или на друг начин беа врзани со фудбалот. Васил еден период беше капитен на Беласица, а најстариот брат Кирил Семенков беше до крајот на животот почесен претседател на Тиверија и беше нејзин неразделен дел.

ДЕБИТАНТ СО 16 ГОДИНИ

Иако Семенков кариерата ја почна во Беласица на 14-годишна возраст во 1959 година, тој, сепак, својот вистински почеток како фудбалер го имаше во Тиверија.
– Сите деца сакавме да играме во Беласица. Нормално и јас живеев со таа желба. Дојдов тука, меѓутоа, оценив дека во тие моменти, сепак, поголема шанса за просперитет ќе имам во Тиверија. Во неа вратата за младите фудбалери пошироко беше отворена, за разлика од Беласица во која уште играа старите фудбалски мајстори. Ми се чини дека не погрешив и во 1961 година на 16 години дебитирав во првиот тим на Тиверија, во мечот со Мачва од Шабац, која по натпреварот со Вардар во Скопје, гостуваше во Струмица – вели Томе Семенков.
Семенков уште во почетокот го сврте вниманието кон себе. Фудбалските љубители со симпатии го прифатија, па по две години калење во Тиверија, се враќа во Беласица.
– Своето деби како првотимец на Беласица го имав против КСК (Кумановски спортски клуб) во Македонската лига, есента во 1964 година.

Победивме со 2-0, а според оцената на сите одиграв добро. Тренерот Божиќ, исто така, беше задоволен и веќе по првотимскиот старт добив пофалби од него. Тоа многу ми значеше и за мене беше најголема награда и стимул да продолжам со уште поголем елан – вели тој.
По овој меч, Семенков ги заработил и првите „фудбалски“ пари. Добил премија од 15.000 динари, која веднаш ја уплатил за екскурзијата со своите соученици низ Југославија. Но до тоа не дошло, зашто, според зборовите на тренерот Божиќ, ако отпатувал ќе го загубел местото во првиот тим.
– Јас кога веќе се изборив за првотимскиот дрес ми беше жал да го загубам. Ова му го соопштив на класниот раководител, кој ми ги врати уплатените пари и наместо низ Југославија по неколку дена истрчав на стадионот во Јегуновце. Настапив на мечот против тогаш силниот Југохром, за кој меѓу другите настапуваа веќе афирмираните фудбалери Петковски и Аврамовски. Одигравме 1-1 и по натпреварот повторно добив премија со која купив палто, кое и ден-денес го чувам – вели Семенков.

НАЈМЛАД МЕЃУ ИСКУСНИТЕ АСОВИ

Томе Семенков стана стандарден во првиот тим, во кој беше најмлад меѓу искусните асови на Беласица.
– Ми беше задоволство што можев да играм со фудбалери, кои како млад ми биле идоли и сум сонувал и посакувал да бидам како нив. Кога првпат го облеков дресот на првиот тим на Беласица, бев многу возбуден и просто не можев да верувам дека ќе играм заедно со моите довчерашни идоли Пандазиев, Комаров, Христов, Славко Џорлев, голгетерот Зафиров, познати имиња со долгогодишно искуство. Кога, пак, за тренер дојде Мома Илиќ заиграа Дрвошанов и Трајков, кои веднаш го свртеа вниманието кон себе, па подоцна неколку сезони настапуваа за прилепска Победа, заедно со легендарниот голман Благоја Истатов. Ова набројување на првотимците ќе го продолжам со имињата на Босилјанов (голман), Кучуков, Ашиков, Шуманов и Џидалов, за да се види колку квалитетни состави во различни периоди имаше Беласица. Тоа беа времиња кога беше тешко да се стигне до првотимскиот дрес. Јас успеав во тоа и бев многу задоволен – продолжи Семенков.
Семенков, покрај техниката со која располагаше, се истакнуваше и со своите реализаторски способности. Меѓу сите фудбалери на негова возраст, кои настапуваа за другите клубови, беше најефикасен. Постигнуваше голови и од невозможни позиции. Тој имаше голем удел и во освојувањето на Купот на Македонија во 1965 година.

– Сепак, и покрај тоа што се истакнував меѓу моите врсници со кои настапувавме за првите тимови, не бев земен во младинската репрезентација на Македонија за настап на Турнирот на солидарноста во Љубљана. Навистина ми беше тешко што не се најдов во составот, па, така, остана да се задоволам само со импресиите за тој турнир, што ми ги пренесе Истатов. Ѝ бев лут на Комисијата за младински фудбал, на чие чело беше познатиот спортски новинар Бранко Давидовски. Кога по неколку недели се сретнавме, му реков дека беше голема грешка што не бев во репрезентативниот состав. Давидовски призна дека навистина Комисијата погрешила, но каква корист од тоа кога не добив шанса, иако го заслужив тоа, да се појавам во дресот на Македонија – вели Семенков.

НЕЗАБОРАВНИ ГОДИНИ ВО РАБОТНИЧКИ

Томе Семенков во трите сезони по онаа во 1964 година, кога стана стандарден во Беласица, беше интересен за многу клубови. Имаше примамливи понуди, но тој се реши за Работнички.
– Причината што дојдов во тимот од Дебар Маало беше што требаше да се запишам на Правниот факултет во Скопје, па затоа Работнички ми беше најдоброто решение. Ќе имав обезбеден стан и храна, па паралелно ќе бев посветен на двете работи: факултетот и фудбалот – вели тој.
Семенков, и од оваа временска дистанца, некако со носталгија зборува за незаборавните години и за другарството што владеело во скопскиот клуб. Тоа другарување продолжило и подоцна, а трае и денес, зашто често се гледа со некои од своите соиграчи. Поранешниот фудбалер на Брегалница Стојан Коцев е врската меѓу фудбалските генерации од тоа време, па по негова иницијатива без оглед кој за кој клуб настапувал и денес се собираат, најчесто во ресторанот „Мал одмор“ во Штип. Се потсетуваат на времињата кога настапувале за своите клубови, а потоа и ќе запеат.
– Во тој состав на Работнички главна личност беше капитенот Томче Филиповски, кој и покрај многуте понуди од другите клубови, до крајот од кариерата остана верен на Работнички. Покрај него имаше цело друштво добри другари и одлични фудбалери.

Со каков квалитетен играчки кадар располагаше Работнички доволно е да ги споменам имињата на фудбалерите и сѐ ќе стане јасно: Чочков, Милошевски, Тодоровски, Богоевски, Панговски, Цветановски, Поповски, Цубалевски, Каратошев, Зигоманов, Пеповски-Маракана, Ѓ. Димитровски – вели Семенков.
За доживувањата во Работнички, потоа заминувањето во штипска Брегалница, за головите откако се врати во Тиверија на крајот од кариерата, за дружењето со Благоја Истатов, како и за деновите кога беше генерален секретар во Беласица ќе читате идната недела. Тогаш ќе стане збор и за настапот на Рингов за Динамо во куп-натпревар против Беласица, пред рекорден број гледачи на стадионот во Струмица.


Томе Семенков

Роден: во 1946 година во Струмица
Кариера: Беласица, Тиверија, Работнички и Брегалница
Успеси: освоен Куп на Македонија во 1965 година со Беласица, најмлад првотимец во Тиверија и во Беласица
Спортски работник: генерален секретар на Беласица, директор на Управата за спортски објекти во Струмица