По последните поинтензивни врнежи од дожд, а сега и снег, се подигна нивото на Осломејско Езеро. Претходно измерената кота, сега е значително надмината. Иако имаше стабилно водоснабдување, благодарение на подземните извори од кои се напојува Осломејско Езеро, сепак поради долготрајната суша од претходниот зимски период беше намалена нивната штедрост. Како резултат на редуцираниот прилив на вода, се спушташе и нивото на езерото.
– Кога поверувавме дека и нашето езеро ќе ги почувствува последиците од долготрајната суша и дека нивото ќе почне забрзано да се спушта надолу, што од нас рибарите никој не го посакуваше, сепак спасот дојде од самата природа. По интензивните врнежи од дожд и сега снег, езерото не само што се врати на претходното ниво туку и забрзано се полнеше, па во изминативе денови беше измерено покачување за 1,5 метар. Оваа вест беше добредојдена за нас рибарите и сега на подолг рок можеме да бидеме безбедни, барем што се однесува до водостојот на езерото и условите за рибата што живее во него – вели Бесмир Елези од здружението „Пријатели на езерото“ и спортски риболовец од блиското село.
Што се однесува до риболовот во овој период од годината, Елези потсети дека рибата сѐ уште мирува и не гризе толку често, но и да е поинаку, поради калта во крајезерскиот појас, рибарењето и движењето се крајно отежнати.
Инаку, должината на брегот на Осломејско Езеро изнесува 4.000 метри, додека најголемата длабочина е од 50 до 55 метри, што го вбројува во групата подлабоки вештачки езера во земјава и најдлабоко од овој вид.
Но проблем за сите пријатели на езерото претставува фрлањето ѓубре од неодговорни граѓани во близината на езерото, кои како да не сакаат да ги прочитаат таблите што се поставени тука, за да не се фрла каков било вид отпад и да се води сметка за хигиената на крајезерскиот појас.
– За жал, и покрај напорите на повеќето спортски риболовци за зачувување на овој рибарски рај, сепак и овој пат доаѓа до израз однесувањето на граѓаните. Нив единствено ги интересира ѓубрето да биде што подалеку од нивниот двор, а каде ќе заврши тоа, воопшто не ги засега. Сите досегашни апели и замолници завршија безуспешно, и покрај очајничките напори на рибарите да го направат овој простор привлечен и за гости однадвор, како и центар за големи риболовни натпревари – истакнуваат од друштвото „Пријатели на езерото“, кои планираат и скорашно, трето, порибување на езерото, сѐ уште неоткриена убавина за многу риболовци во земјава на само четири километри од Кичево.