Професорот по национална безбедност од американскиот Военопоморски колеџ во Њупорт, Николас Гвоздев, ја анализира новонастанатата ситуација во Алијансата, како резултат на пандемијата на ковид-19
ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КОВИД-19 ВРЗ НАТО (3)
Најголемата европска воена вежба на НАТО за 2020 година, наречена „Европски бранител“, која делумно беше замислена како демонстрација за надворешните противници (читај: Русија) дека САД би можеле за кратко време да го направат континентот побезбеден, доживеа драстични кратења во квалитет и во квантитет
Факторот Русија
Знаците што укажуваат на дисхармонија во функционирањето на НАТО се секогаш под будното око на Русија. Во 2015 година, руското раководство на Националната безбедност ја категоризира Алијансата како закана за руските стратегиски интереси, иако некои од нејзините членки (како Германија, Франција, Италија, Турција и Унгарија) на билатерално ниво се многу важни стратегиски партнери на Русија. Затоа и не е изненадување фактот дека Кремљ, иако експлицитно нема нарачано кампања за ширење дезинформации, ги поттикнува своите информативни медиуми да „туркаат“ стории што настојуваат да го забрзаат текот на раздорот и неединството меѓу членките на НАТО.
Во зависност од текот на пандемијата, лесно може да очекуваме нова руска информативна кампања. Нејзина целна група би била јавноста во Јужна и Западна Европа, а целта би била да се доведе во прашање вредноста на Алијансата, која се покажа како неефикасна во својата реакција на вирусот, а сепак бара од своите членки подготвеност за ризичен конфликт со Русија.
Истовремено, Кремљ би продолжил да сее сомнеж кај своите соседи (без разлика дали се членки на НАТО или не) во однос на вербата што треба да ја имаат во гаранциите што им ги нуди овој сојуз. Освен тоа, Русија експресно реши да испрати свои воени медицински специјалисти и опрема во Италија, наспроти матната и ненавремена реакција на ЕУ и на НАТО.
Како и да е, НАТО не треба да смета дека откако ќе помине оваа криза, сѐ ќе се врати како што било порано. Ако ништо друго, многу се веројатни нови периодични изблици на ковид-19, кои ќе водат до наметнување повторени забрани за патување, затворени граници и недостиг од персонал. Економските последици од пандемијата ќе имаат сериозно влијание врз буџетите и глобалната политика и во текот на наредните години.
Ново „еластично“ НАТО?
Можеби ковид-19 ќе успее да го постигне она во што досегашните самити, рускиот упад на Крим и извештаите на експертските групи потфрлија: да се натера НАТО да еволуира. Ако се согласиме со мислењето дека директни последици од пандемичната криза се обновениот скептицизам за важноста на Алијансата, намалените одбранбени буџети и можноста за прекинати врски во снабдувањето и транспортот, тогаш главен фокус на модернизираниот сојуз мора да биде агендата за приспособливост кон новите околности.
Во една своја анализа од декември 2019 година, пред да се случи ударот а пандемијата на коронавирусот врз западниот свет, професорот и добар познавач на околностите во надворешната политика, Ден Хамилтон, истакна: „Кога се менува конфликтот, мора да се смени и одбраната. НАТО треба да ги прошири своите досегашни инвестиции во територијалната заштита и да вклучи современ пристап кон зголемена еластичност, а тоа значи: да гради слободни општества што имаат капацитет да одат пред времето, да превенира и надминува подривачки предизвици и да се справува со директни напади доколку тоа е неопходно.“
Во моментите кога кризата се шири низ целиот свет, новинарката и аналитичарка Џуди Демпси изрази согласување со ваквото гледиште: „Да се биде приспособлив и еластичен значи да се има долгорочен пристап за заштита на виталните инфраструктури неопходни за безбедноста, стабилноста и чувството на смиреност кај граѓаните.“
Ова би значело промена на фокусот на НАТО, а секако и на „Европскиот бранител“, наместо очекувањата САД да бидат главниот „камшик“, секоја од земјите-членки треба да биде доволно способна да се справи со препади, атаки однадвор и опасни предизвици. Конечно, ова би значело и ситуација во која ќе го снема премногу очигледното американско лидерство, туку ќе се обезбеди рамноправно учество и зголемени ингеренции во носењето одлуки за сите членки на Алијансата.
Имајќи предвид дека намалените национални буџети и променливиот број на воените трупи што учествуваат во одредени мисии би биле двата нови услови на кои НАТО мора да се приспособи, тогаш од голема корист може да биде предлогот на Харлан Улман за нов пакет алатки: поголем број беспилотни летала, противвоздушни и противпоморски проектили, електромагнетни системи, команда и контрола во рамките на оперативните маневарски групи, како и економични сензори, вклучувајќи и нисколетачки сателити што би можеле да бидат распоредени брзо и навремено, за да се обезбедат команда, контрола, комуникација и разузнавање.
Следниот самит на НАТО е закажан за октомври годинава во Беверли Хилс, Калифорнија. Додека го одржуваа нивниот последен собир во Лондон во 2019 година, сојузничките лидери не планираа дека е можна пандемија, која целосно ќе ги измести од традиционалната позиција и начинот на функционирање.
Оттука, јасно е дека коронавирусот влијае и врз нивната лондонска агенда, правејќи ја неактуелна и недоволно корисна. НАТО ќе мора да се соочи со предизвикот да се адаптира кон новата реалност, која ќе биде резултат на пандемијата во Европа и во САД. Во спротивно, Алијансата ризикува да остане заглавена во минатото.
НАТО оформи панел-група за иднината на Алијансата
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во вторникот именува панел-група од 10 експерти, чија задача ќе биде да се погрижи НАТО да не биде перципирано онака како што го опиша францускиот претседател Емануел Макрон кон крајот на минатата година. Поради новонастанатите состојби, Столтенберг се согласи да побара стручни совети за иднината на Алијансата.
Лавината тргна по „отровните“ коментари на Макрон во „Економист“ и во екот на хаосот предизвикан од двата најголеми сојузници – САД и Турција – кои кон крајот на 2019 година презедоа унилатерална воена акција во северна Сирија, што беше јасен показател дека НАТО се „кине по шевовите“. Како и да е, преостанатите сојузници реагираа со лутина на забелешките на Макрон, кои беа оценети како невнимателни и штетни. Американскиот претседател Доналд Трамп ја дефинира изјавата на Макрон како „многу навредлива за голем број сојузнички воени сили“.
Сепак, на лондонскиот самит одржан во декември, лидерите на Алијансата се согласија дека Столтенберг треба да се зафати со сериозен процес на опсервација, како начин за надминување на проблемите и можност за избегнување на ваквите и слични расколи во иднина.
Во вторникот, пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, кој треба да се одржи неделава, Столтенберг изјави дека назначил 10 експерти – пет мажи и пет жени – кои ќе му помогнат во процесот на осмислување рационални решенија. Претседавачи на панел-групата ќе бидат двајца истакнати експерти: Томас де Мезиер, член на Бундестагот и поранешен германски министер за одбрана, личност што е долгогодишен соработник на канцеларката Ангела Меркел, и Вес Мичел, поранешен помошен државен секретар за европски прашања во администрацијата на Трамп.
Столтенберг често ја потсетуваше јавноста дека НАТО е одбранбен, а не напаѓачки сојуз, но сега тој пронајде и дополнителни аргументи за оваа тема на дискусија: НАТО се карактеризира со склоност кон размислување, а не со носење непромислени одлуки. Во најновото соопштение за медиумите, челниците на НАТО истакнаа дека советодавната група „ќе понуди препораки за зајакнување на единството во Алијансата, подобрување на политичката консултација и координација меѓу земјите-членки, како и зацврстување на политичката улога на НАТО.“
(Крај)