Во овие денови на искушенија кога сме свртени кон своите најблиски, нашата држава направи клучен чекор кон остварување на стратешката цел за влез во Европската Унија, вели во соопштение претседателот на државата, Стево Пендаровски.
– Лидерите на земјите-членки потврдија дека треба да ги почнеме преговорите со Унијата. Европската Комисија ќе пристапи кон дефинирање на преговарачката рамка, а првата меѓувладина конференција ќе се случи во најскоро можно време. Овој момент го чекавме повеќе од 15 години. Одлуката е јасна и без дополнителни услови. Таа е потврда за спроведување на неопходните реформи, но и за значајните компромиси што ги направивме во духот на европските вредности – истакнува претседателот.
Пендаровски воедно нагласува дека во претстојниот период не очекува макотрпна работа со која, како што вели, ќе треба да направиме длабока трансформација на нашето општество и да ги постигнеме стандардите потребни за членство.
– Во оваа прилика сакам да им честитам на сите кои изминатите години работеа на нашата европска иднина. На повеќе генерации политичари, на стручните лица во администрацијата, на граѓанскиот сектор – нагласува претседателот.
Тој нагласува и дека денеска во 11.30 часот, според американско време, ќе се случи и чинот на нашето формално зачленување во НАТО Алијансата, во главниот град на САД.
– Иако поради тешкиот период низ кој поминуваме не можеме да се израдуваме и да ги одбележиме овие настани како што доликува, сепак, станува збор за историски успеси кои по три децении независност, конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина – вели Пендаровски.