Граѓани што забележале фрлени, веќе употребени заштитни ракавици и маски со револт ја коментираат оваа појава, го осудуваат ваквото неодговорно однесување на сторителите, а поединци бараат и најстроги казни за нив
Инфектолозите предупредуваат на секундарни опасности по здравјето
Фрлени заштитни ракавици и маски по лифтови, по автобуски станици и во автобуси, по улици и парковски површини, забележале граѓани кога се движеле низ градот. Револтирани од оваа појава во време кога бројката на заболени од коронавирусот расте и кога заразата ја одзеде и втората жртва, некои граѓани се однесуваат премногу неодговорно. Граѓаните што ја забележале оваа појава снимиле фотографии што ги објавиле на социјалните мрежи. Коментарите се карактеризираат со голема доза револт и со барање за поголема внимателност и одговорност.
Во своите коментари граѓани го осудуваат ваквото неодговорно однесување на сторителите, а поединци бараат и најстроги казни за нив.
Заштитните маски и ракавици треба да се носат, но потоа не треба да се фрлаат каде што ќе се стигне, зашто, како што велат некои епидемиолози, и тие може да бидат пренесувачи на кроронавирусот доколку некој ги допре со голи раце. Тие на некој начин се и опасен медицински отпад, кој се складира и се депонира на депониите по строго одредени правила. Токму затоа секој треба одговорно да постапува во овие тешки времиња на ширење на заразата, за да се заштити најпрвин себе, своето семејство, а потоа и сите други. Секој сам да апелира и да внимава на колективната хигиена.
– Пред некој ден ве информирав дека „не е точна информацијата“ дека има недостиг од заштитни маски. Денес со „задоволство“ ве информирам дека и маски и заштитни ракавици можете да најдете на „секој чекор“!“ Ваква неодговорност ретко се среќава! – пишува Миле Митровски Македонски, на својот фејсбук-профил под фотографиите што ги направил со својот мобилен телефон. На нив се гледаат фрлени тетрапак-пакувања меѓу кои има и фрлени заштитни маски и ракавици, потоа фрлени ракавици во тревник и на асфалтна површина.
Маја Пековска во коментар вели дека видела фрлени ракавици по автобуските станици во Карпош, а Теодора М., регистрирала фрлени ракавици во автобус на ЈСП и тоа го илустрира со фотографија, на која се гледаат ракавиците веднаш до скалите на двокатен автобус. Дека ракавици се фрлаат и по улици во Кисела Вода, во коментар пишува Елида Велевска.
– Овие луѓе треба да се казнат – вели Елица Таневска, додека Марушка Таневска предлага да се снимат со камери и на самото место да се фатат овие несовесни граѓани.
Научниците открија дека вирусот преживува во воздухот до три часа, а на пластични и челични површини може да преживее и до три дена. Една друга студија, пак, објавена на страницата „медРхив“, покажа дека коронавирусот може да живее на бакарни површини четири часа, додека на картонски површини до 24 часа. Истражувачите на оваа студија рекоа дека резултатите што ги добиле укажувале дека вирусот се пренесува преку воздух и преку предметите што ги користиме и дека може да остане жив во честичките на воздухот до неколку часа, додека на површините на предметите може да живее и до неколку дена.
– За жал, немаме релевантни податоци колку коронавирусот опстанува во надворешни услови, освен оние колку се задржува на пластика, метал или на асфалт. Но секако, заштитните ракавици и заштитните маски што ги носиме, не треба да ги фрламе на јавните површини и каде било. Тие би требало да имаат третман на медицински отпад, но во овие услови доволно е да се уредно фрлени во најлонска вреќа или ќесе, кое потоа затворено ќе се фрли во контејнерите. Важно е сега да внимаваме на хигиената од сите аспекти, а особено да не дозволиме заштитните маски и ракавици да завршуваат на јавните површини, кои сега постојано се дезинфицираат од разбирливи причини. Ако веќе сите седиме дома за да се заштитиме, тогаш секој нека тргне од сопствената заштита пред сѐ, а луѓето што и претходно беа навикнати да ги фрлаат хартиите каде што ќе стигнат не можат сега да го прават тоа и со заштитните ракавици и маски – објаснува Александар Стојанов, член на Комисијата за заразни болести и шеф на Отсекот за имунизација и тропски болести во центарот за јавно здравје „Скопје“.
Апелите дека хигиената е важна за да се спасиме од ширењето на коронавирусот не престануваат и затоа време е некои луѓе да престанат да се однесуваат толку неодговорно во овие тешки состојби, во кои сите седиме заробени во своите домови. Ако малите Јапончиња во градинките можат да се однесуваат одговорно по оброкот, веројатно, можат и возрасните во време на една ваква пандемија, која коси животи.