Сите балкански земји преземаат драстични потези за справување со заразата од коронавирус, кои се однесуваат на воведување полициски час и засилени контроли на движењето на луѓето. Полицискиот час во Србија, наместо од 20 до 5 часот, ќе трае од 17 до 5 часот. Ако има потреба и граѓаните не бидат послушни, српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе има уште поголемо зголемување на полицискиот час, па единствениот период од денот кога ќе можат да се движат Србите надвор ќе биде од 7 до 13 часот. Од понеделник, според најавите, Србија ќе го пренамени Белградскиот саем во привремена болница и во него ќе бидат наместени 3.000 кревети.
Во Албанија веќе стапи во сила ограничување на движењето на луѓето во согласност со мерките на Владата. Премиерот Еди Рама изјави дека од сабота во 13 часот до понеделник, не смее никој да биде на улица освен војската.
Припадници на албанската армија се ангажирани да го спречат честото движење на луѓето низ улиците во главниот град Тирана, која е главното жариште на коронавирусот во земјата.
Претходно и Цивилната заштита на Хрватска донесе препораки за строго ограничување на задржување на улиците и на другите јавни места, кои се во важност од 30 дена. Оваа одлука се однесува на улиците, плоштадите, трговските центри, парковите и другите јавни површини.
Словенечката влада побара армијата да добие полициски овластувања за да помогне во справувањето со епидемијата. Полициски час е воведен и во Македонија, а забрането ќе биде движењето на граѓаните од 21 до 6 часот секој ден. Целта е, како што рече премиерот Оливер Спасовски, заштита на здравјето на граѓаните.