Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка. За ова, се задолжува Министерството за правда, во соработка со Министерство за здравство да подготви соодветна уредба со законска сила во која правно ќе ја нормира целокупната постапка за спроведување во државен карантин.
Се задолжува Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, во соработка со Министерството за економија и Министерството за правда, да подготват уредба со законска сила во која правно ќе ги нормираат надлежностите на сите инспекторати и инспектори (надлежностите од инспекторите во Државниот пазарен инспекторат да бидат пренесени на сите инспекциски служби).
На предлог на Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Владата заклучи да се измени Заклучокот под реден број 5 од Дваесеттата седница на Владата, одржана на 16 март 2020 година и да гласи: професионалните возачи на товарните возила кои влегуваат и излегуваат од Македонија, а кои не поседуваат дозволи издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, да бидат пропуштени на граничните премини при влез и излез, но истите се должни да ја обезбедат и приложат дозволата не подоцна од 24 март 2020 година.
Се задолжува Министерството за транспорт и врски да достави документ во ексел верзија кој го располага за вкупно издадените сертификати на професионалните возачи за учество во меѓународен патен сообраќај до Министерството за внатрешни работи. Лицата наведени во овој документ задолжително поседуваат важечки сертификат за учество во меѓународен патен сообраќај издаден од Министерството за транспорт и врски, со цел истите да не подлежат на полициски проверки за постапување по изјавата за самоизолација.