Редовното усогласување на пензиите без корист

Ако остане во сила сегашниот модел на редовното усогласување на пензиите, може да се очекува тие и на први јули да бидат покачени со минимален процент, бидејќи не се планира инфлација. Меѓутоа, треба да се има предвид дека врз економските резултати и во нашата земја штетни последици ќе има од пандемијата на коронавирусот и најавената мигрантска криза

Темата налага најпрво да се потсетиме дека при крајот на 2018 година, со измените и дополнувањето на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, се донесе законска одредба редовното усогласување на пензиите да се врши единствено со зголемувањето на животните трошоци. Уште во зародокот на ваквата идеја јавно реагирав дека со ова решение од усогласувањето на пензиите, пензионерите ќе немаат корист, уште повеќе што тоа се прави во време на значително зголемување на платите во нашата земја. Жално е што моите анализи, поддржани од повеќе стручни лица, не беа прифатени. Резултатите со ваквото усогласување на пензиите се евидентно неповолни за голем број корисници на пензија. На први јануари 2019 година процентот на усогласувањето изнесуваше 0,7 отсто, на 1 јули 0,4, а на 1 јануари 2020 година 0 отсто, бидејќи животните трошоци во споредбениот период на првото со второто полугодие во минатата година се со негативен износ. Овие податоци укажуваат дека пензиите во 2019 година се најмалку зголемени во последните 15 години и се многу далеку од следењето на трендот на покачувањето на платите.

Тоа придонесе од вкупно 324.000 корисници на пензија, над 200.000 да добијат минимално зголемување на пензиите, а од нив околу 141.000 со пензија од 9.000 до 12.000 денари живеат под границата на сиромаштијата. Конкретно, тие во минатата година имаа покачување на месечната пензија од само 65 до 87 денари, а немаа корист ни оние со просечна пензија, добивајќи 107 денари. Треба да се има предвид и тоа дека претходно редовното усогласување на пензиите во 2017 и 2018 година не беше на завидно ниво. Позитивен податок е дека во минатата, во споредба со претходната година, приходите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се зголемени за 10 отсто, како резултат на зголемениот придонес од 0,4 отсто и растот на платите и на бројот на нововработени на ниво на државата. Тоа придонесува за стабилизација на пензискиот фонд и за редовна исплата на пензиите.

Во ваква ситуација, при крајот на минатата година во Законодавниот дом се донесе одлука за дополнително усогласување на пензиите за 2020 година, и тоа на вкупниот број корисници на пензија во еднаков износ од 5 отсто, што изнесува 722 денари. Со тој износ се зголемува и просечната пензија, која сега изнесува 15.320 денари. Ваквиот начин на дополнително зголемување на пензиите се оправдува со порастот на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 отсто и на просечната плата во претходната година за повеќе од 5 отсто. Во медиумите јавноста беше информирана дека ова е најголемо покачување на пензиите за минатите 20 години, што е далеку од вистината. Аналитички факт е дека дополнително усогласување на пензиите почна да се применува во 2013 година, кога покрај редовното усогласување од 2 отсто, пензиите беа дополнително зголемени со 5 отсто или вкупно со 7 отсто. За да не се зголемува соодносот помеѓу најниската и највисоката пензија, во 2014, 2015 и 2016 година беше исплатено само линеарно зголемување на пензиите со фиксен износ од 600, 623 и 654 денари, што беше на ниво од 5 отсто.

Тогашната опозиција тоа многу го критикуваше, но пензионерите, особено со помали примања, беа многу задоволни. Истражувањата покажаа дека најголемо вкупно усогласување на пензиите од 21,66 отсто имало пред 12 години, во 2008-та, кога соодносот помеѓу најниска и највисока пензија достигна загрижувачки над 6 пати, или за еден пат повеќе од стандардите на Европската Унија. Ако остане во сила сегашниот модел на редовното усогласување на пензиите, може да се очекува тие и на 1 јули да бидат покачени со минимален процент, бидејќи не се планира инфлација. Меѓутоа, треба да се има предвид дека врз економските резултати и во нашата земја штетни последици ќе има од пандемијата на коронавирусот и најавената мигрантска криза. Од сето тоа произлегува разумен заклучок, за кој особено се залагам, наредниот нов состав на Владата и на законодавниот дом да ја разгледаат можноста за донесување нова законска одлука редовното усогласување на пензиите да се врши не само со процентот на движењето на животните трошоци туку и со индексот на растот на платите. Само на тој начин може да се одржува реалната вредност на пензиите. Во спротивно, и натаму ќе доаѓа до неповолен израз на социјалната нееднаквост меѓу вработените и пензионерската популација.

За обележување е дека пред распуштањето на Собранието, поради предвремените парламентарни избори, пратениците во законодавниот дом усвоија неколку законски одлуки во врска со пензионерската проблематика. Со дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се овозможува откуп на стаж на лица што наполниле 65 години, а додека биле во редовен работен однос не им бил платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, поради што немаат регулирани 15 години работен стаж за да добијат старосна пензија. Тоа, главно, се однесува за стечајците. Според пресметките, износот на откупот месечно ќе изнесува околу 1.400 денари. Со изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, на работниците што правото на пензија го стекнале во периодот од 1 јануари 1994 година до 20 март 2010 година со лично барање за повторување на управната постапка до Фондот на пензиско и инвалидско осигурување ќе може да им се изврши нова пресметка со најповолни десет години од нивниот работен стаж, што ќе значи поголем износ на пензија.

Истовремено, со дополнување и изменување на Законот во служба во армијата на РСМ се овозможува правото на ново определување пензија на воени старешини, офицери и подофицери на кои им престанал работниот однос во 2005 година. Првите податоци укажуваат дека бројот на позитивни решенија по наведените основи ќе биде незначителен и нема да создава финансиски импликации во пензискиот фонд. Особено сметам дека, следствено на овие примери, треба да се размислува и за слично нивелирање на пензиите на други групи пензионери, кои со исти износи на платени пензиски придонеси имаат различен износ на пензија во зависност од годината кога се пензионирале.
Со сето тоа, како и со остварување на ветуваните зафати за подобра здравствена заштита, за изградба на нови сместувачки капацитети и друго, на припадниците на масовната возрасна популација, која целиот работен век го вложуваше за напредокот на нашата земја, треба да им се овозможат пристојни пензиски денови, квалитетен и достоинствен живот. Тоа ќе значи и градење општество за сите возрасти.

Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба