Повикот на Таравари за Брвеница како повод: албанскиот Етнички клуч – фиксна политичка матрица

  • Повикот на Таравари до албанските партии да го поддржат кандидатот на ДУИ во вториот круг од локалните избори во Брвеница отвора дилема дали квалитетот и способноста остануваат во втор план пред етничката припадност, но и дали ваквите повици не се директна закана по унитарниот карактер на државата
  • Македонија е унитарна држава со единствен уставноправен систем за целата територија, без оглед на тоа колку етнички заедници живеат во неа. Тоа значи дека државата е организирана како една целина, а не како сојуз на „одделни региони“ или, пак, „независни локални единици“ скроени по етнички терк. Затоа и пристапот од страна на активните учесници во изборите (како врвен демократски инструмент) е далеку од тоа дека треба да биде со етнички пристап и карактер…

Повикот на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, до сите албански партии да го поддржат кандидатот на коалицијата предводена од ДУИ, Аркин Јахиј, на предвремените локални избори во Брвеница, повторно го наметнува прашањето дали станува збор за обична партиска поддршка или, пак, за континуитет што се заканува да го наруши унитарниот карактер на државата.
Имено, кога политичките лидери повикуваат на обединување по етничка линија, тогаш веќе не станува збор за натпревар на програми, способности и идеи, туку за класично одмерување на силите по етничка линија во општините што некои ги сметаат за свои етнички бастиони, без оглед што во нив живеат луѓе од мешан етнички состав.
Тоа во принцип е нарушување на унитарниот карактер на државата и несомнено води кон создавање општини во кои градоначалникот мора да биде исклучиво од една етничка заедница, без оглед на неговите способности и понудата кон граѓаните.
Секако, секој политичар, вклучително и Таравари, има право да поддржи кандидат што го смета за соодветен. Но кога повикот се упатува до целиот етнички политички блок, тогаш се наметнува дилемата дали не е загрозено граѓанското право самостојно да проценуваат програми и носители или некој однапред ги насочува да гласаат според етничката припадност.

Етничкиот клуч пред квалитетот

Во секоја демократија, интенцијата на граѓаните е да изберат кандидат што е чесен, способен и посветен. Во ниту една демократија во светот етничката припадност не била поважна од програмата, резултатите и способноста да се решаваат проблемите на сите жители. Затоа и македонските Албанци имаат целосно право да избираат и според сопствената процена, дури и кога таа не се совпаѓа со ставот на партиските лидери. Секако, унитарниот карактер на Македонија никако не го оспорува правото на етничките заедници на политичко претставување. Но ако за секоја заедница се наметнува тенденцијата да гласа како засебен блок, тогаш се поставува прашањето каде останува простор за заеднички интереси, програмска конкуренција и сеопшт национален политички просперитет и одржлив развој?!

Градоначалник за сите или кандидат на етничкиот блок?

Локалните избори секаде решаваат прашања што се однесуваат на секојдневниот живот, почнувајќи од проекти за водоснабдување, патишта, урбанизам, училишта и локален развој. Градоначалникот, без оглед на етничката припадност, е одговорен за сите жители. Затоа дилемата е дали политичките лидери ги повикуваат граѓаните да избираат кој најдобро ќе ја води општината или кој најуспешно ќе го обедини сопствениот етнички табор.
Македонија е унитарна според Уставот, но реалната и опиплива практична општествена интеграција зависи во пакет со теоретската, и од практиката на терен. Ако етничката припадност постојано се поставува пред квалитетот, способноста и заедничкиот интерес, тогаш наместо да ги надминуваат поделбите, политичките елити ризикуваат дополнително да ги зацврстуваат.