Бројот на починати во Италија го надмина бројот на жртви во Кина од каде што се прошири вирусот ковид-19 на крајот на декември минатата година. Со оглед на тоа што ситуацијата во Кина по малку се подобрува, земјата одлучи да ѝ помогне на моментно најпогодената европска држава, Италија, пренесува Си-ен-ен.
Вчера потпретседателот на Црвениот крст на Кина, Сун Шуопенг, ја посети Ломбардија, која е најпогодена област во Италија. Тој во Милано одржа прес- конеференција и упати јасен апел до Италијанците.
– Ситуацијата во Ломбардија моментно многу наликува на онаа која пред два месеца ја имавме во Вухан, епицентарот на коронавирусот. Во Вухан, кој еден месец беше во строг карантин, конечно бележи тренд на намалување на заразените. Но, тука во Милано баш и не постои строга политика на карантинот: јавниот превоз и понатаму работи, луѓето и понатаму се движат, и понатаму си одите на вечери и се забавувате во хотели, не носите маски…Не знам дали мислите воопшто…Сфатете, секој граѓанин мора да биде вклучен во борбата против коронавирусот. Би ве советувал веднаш да ги запрете сите економски активности и да ја намалите мобилноста на луѓето. Сите би требало да останете дома, човечкиот живот е најважен – рекол Сун.