Во рамките на одлуките на Владата и Министерството за здравство за преземање мерки за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од коронавирусот, денеска екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Прилеп започнаа со дезинфекција на општинските и државните институции во градот.
Дезинфицирани се општинските основни и средни училишта, објектите на ЈОУ
Детска градинка „Наша иднина“ и Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“.
Директорот на ООУ „Климент Охридски“, Зоран Сребреноски, преку општината, посочува дека стручните екипи на Центарот за јавно здравје ги дезинфицирале сите училиници, кабинети, канцеларии, тоалети, спортската сала и другите помошни простории во двете училишни згради. При тоа посочува дека училиштето презема напори за, колку што условите дозволуваат, реализирање на еден дел од наставниот
процес преку вибер-комуникација на учениците со своите наставници.
– Секој одделенски раководител по електронски пат ги добива содржините од предметните наставници и ги испраќа до учениците. Во сето ова се вклучени и родителите, така што одделенскиот раководител има повратна информација дали учениците ги добиваат тие содржини и дали ги реализираат. Ако има потреба за дополнителни објаснувања, наставниците се тука за повторно да се вклучат, за да се реализира тоа што може да се реализира, односно да се спаси тоа што од наставата може да се спаси – објаснува Зоран Сребреноски, директор на ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп.
Ваквиот начин на изведување на наставата се спроведува во сите општински основни училишта во Прилеп. Инаку, денеска и од ЈКП „Комуналец“ информираа дека е дезинфекција и чистење на сите еколошки острови, комуналните возила, гаражите и Царинскиот терминал. Прилеп инаку располага со 523 контејнери за комунален отпад и 408 контејнери за отпадни рециклирачки материјали, како 63 возила(специјални, товарни, трактори, градежни машини) кои се вклучени секојдневно во сообраќај. Воедно, Комуналец врши и дезинфекција и на специјалните возила за подигање на отпад. Ка.М.