Медицинските власти во Кина соопштија дека лекот што се користи во Јапонија за лекување на нови видови грип, делува дека е ефикасен и кај пациенти со коронавирус, објавија јапонските медиуми, а пренесува „Гардијан“.
Жанг Ксинмин, службеник во кинеското министерство за наука и технологија, рече дека лекот „Фавипиравир“, развиен од подружница на „Фуџифилм“, создал охрабрувачки исходи во клиничките испитувања во Вухан и Шенжен, во кои учествувале 340 пациенти.
– Има висок степен на безбедност и е јасно ефикасен во третманот – изјави Ксинмин пред новинарите во вторникот.
Пациентите на кои им бил даден лекот во Шенжен, биле тестирани како негативни за вирусот, просечно по четири дена откако им бил дијагностициран, во споредба со просекот од 11 дена за оние кои не биле лекувани со лекот – соопшти „НХК“.
Покрај овие позитивни информации, заразените пациенти по третманот биле снимани со рендгенски зраци, при што било потврдено дека имало подобрувања на состојбата на белите дробови за околу 91 отсто од пациентите кои биле третирани со „Фавипиравир“, во споредба со 62 отсто од оние кои не биле третирани со лекот.
„Фуџифилм Тојама Кемикал“ исто така го создаде лекот „Авиган“ во 2014 година. Докторите во Јапонија и овој лек го користат во клиничките истражувања за лекување на короновирусот. Но, извор од јапонското Министерството за здравство посочува дека лекот не бил толку ефикасен кај заболените луѓе од ковид-19 со посериозни симптоми.
– Ние дадовме „Авиган“ на 70 до 80 лица, но се чини дека не функционира толку добро кога вирусот е веќе размножен – рече изворот за „Маиничи Шимбун“.
Во 2016 година, јапонската влада обезбеди „Фавипивавир“ како итна помош за борба против појава на вирусот ебола во Гвинеја. За користење на „Фавипиравир“ ќе треба одобрение од владата за целосна употреба на пациенти со ковид-19, бидејќи тој првично бил наменета за лекување на грип.
Здравствен службеник вели дека лекот би можел да биде одобрен уште во мај, но, ако резултатите од клиничките истражувања се одложат, одобрувањето исто така може да се одложи.