Каруана, Лирен, Гришчук, Непомнијашчи (горе), Гири, Вашер-Лаграв, Ванг, Алексенко

Се чини дека овој турнир ќе биде еден од најголемите, ако не и најголем спортски настан во март, токму кога коронавирусот беше причина организаторите на многу популарни спортови во светот да ги откажат или одложат соодветните настани. Турнирот почнува денеска во Екатеринбург, играат осуммина шахисти, а по 14 кола победникот во декември ќе го предизвика светскиот првак Магнус Карлсен, во меч за планетарната титула

Кога многу спортски настани во светот се откажуваат, Турнирот за кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах почнува денеска (од 11 часот) во рускиот град Екатеринбург. Секој што е на каков било начин вклучен во турнирот, двапати дневно ќе поминува медицински прегледи.

Се чини дека овој шаховски турнир ќе биде еден од најголемите, ако не и најголем спортски настан во март, токму кога коронавирусот е причина организаторите на многу спортови во светот да ги откажат или одложат соодветните настани.

Според последните информации, ситуацијата во Екатеринбург во моментот не е алармантна и никој не е заразен од коронавирус, а во Русија има 54 случаи. Сепак, организаторот презема строги здравствени и безбедносни мерки. Така, сите вклучени на турнирот (играчи, секунданти, судии, организатори и службени лица) се проверуваат двапати на ден, а тестови за коронавирусот ќе се прават првиот и 10-от ден.

– При пристигнувањето во хотелот, веднаш бевме тестирани. Добивме и писмо во кое се вели дека ќе бидеме проверувани секој ден, наутро и навечер. Ми беше измерена температурата, тестирана функцијата на белите дробови, како и грлото – изјави за сајтот „Чес.ком“ Жерон ван ден Берг, претседател на Комисијата за жалби на Турнирот на кандидатите.

Друга мерка што е преземена е ограничувањето на гледачите да влезат во салата за играње, која собира најмалку 100 луѓе.
Во меѓувреме сите шахисти пристигнаа безбедно во Екатеринбург. Фабиано Каруана, чиј лет за Русија беше откажан во средата, пристигна во четвртокот. Таму се и Аниш Гири, Максим Вашиер-Лаграв и Хао Ванг, а Динг Лирен треба денеска да слета од Москва, откако заврши неговиот двонеделен карантин.

Победникот на турнирот ќе биде познат по одигрувањето на 14-то коло (предвидено за 3 април), а тој ќе го предизвика светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, во декември, во меч за планетарната титула. 


ДВОЈКИ, 1. КОЛО

Динг (2.805) – Ванг (2.762)
Гришчук (2.777) – Алексенко (2.698)
Вашер-Лаграв (2.767) – Каруана (2.842)
Гири (2.763) – Непомнијашчи (2.774)

мечевите се денеска, во заградите се рејтинзите на шахистите